Препораки за читање за време на зимата

 

Зимата е идеално време за читање. Ви треба само топло чајче, меко ќебенце и интересна книга. Во овој напис со вас ќе споделам книги кои ги прочитав изминатиот период, а ми оставија силен впечаток и ги препорачувам не само на младите, туку и на возрасните.

 1.    Да се убие птицата подбивница – Харпер Ли

Дејството на приказната е сместено во мало гратче во државата Алабама во САД, во 30-тите години од минатиот век, кога владеела расна дискриминација. Атикус Финч е адвокат кој од судот е назначен да го застапува Том Робинсон, млад црнец, за криминално дело кое не го извршил. И покрај тоа што однапред се знае дека обвинетиот ќе биде прогласен за виновен само заради бојата на кожата, Атикус дава сè од себе за да го одбрани. Тоа го прави поради неговата професионалност и длабокиот морален интегритет, но и за да им биде добар пример на неговите деца Скаут (9 години) и Џем (13 години).

Авторката Харпер Ли добила Пулицерова награда за романот кој станал екстремно популарен веднаш по неговото издавање и се смета за ремек-дело на американската литература. Во училиштата се обработува како задолжителна лектира во повеќето држави во светот каде што се зборува англискиот јазик. Во 1962 г. снимен е и филм со ист наслов, кој освоил Оскар.

2.    Сликата на Доријан Греј – Оскар Вајлд

Доријан Греј е убав и богат млад човек кој живее во викторијанска Англија. Неговиот пријател Базил Холвард црта негов портрет и кога Доријан ќе ја види сликата, си замислува желба засекогаш да остане така убав и млад како што е на сликата, а ликот на портретот да старее наместо него. Желбата му се исполнува, но не баш онака како што тој си замислил. Освен што старее, неговиот портрет почнува и да огрдува со секое неморално дело кое ќе го направи, симболички претставувајќи ја неговата расипана душа и порочна природа.

Според овој роман се направени повеќе филмски адаптации. Книгата топло ви ја препорачувам, со оглед на тоа дека е единствен роман на Оскар Вајлд кој претежно пишувал кратки раскази и поезија, и тоа се чувствува во романот преку неговиот стил на изразување.

3.    Крадачка на книги – Маркус Зусак

Дејството на романот се случува за време на Втората светска војна, во нацистичка Германија. Лисел Мемингер доаѓа да живее во семејството на Ханс и Роса Хуберман, кои ја посвојуваат. Таа е русокоса тинејџерка која нејзиниот очув ќе ја научи да чита. Фасцинирана од моќта на зборовите, Лисел почнува да краде книги од кладите на кои нацистите секојдневно палат илјадници неподобни книги и од домот на градоначалникот за којшто работи нејзината маќеа. Лисел се зближува со синот на соседите Руди и со Евреинот Макс, кој нејзините посвоители го кријат во подрумот. Руди ќе дознае за Макс и тоа дополнително ќе ги затегне и онака тешките услови за живот во новото семејство на Лисел. Стравот да не дознаат властите е голем и поради тоа Макс мора да замине. Напната и тешка книга, но многу емотивна, која зборува за хоророт на војната и сите последици кои таа ги остава зад себе.

Книгата објавена 2005 г. станала интернационален бестселер преведен на повеќе од 63 јазици, а во 2013 г. била адаптирана и во филм со ист наслов.

4.    Човекот по име Уве – Фредрик Бакман

Уве е намуртен пензионер кој порано бил претседател на Асоцијацијата на станари на неговата населба, но сè уште се придржува до строгите правила што некогаш ги налагале законите за домување и поради тоа е во постојан конфликт со соседите. Иако навидум намќор, Уве има одлична смисла за хумор кој на моменти станува саркастичен, но зад таа непријателска надворешност се крие приказна која малкумина ја насетуваат. Всушност, Уве има добра душа и широко срце за сите кои ќе успеат да гребнат зад неговата груба фасада. Таква привилегија ќе има неговата нова и пргава сосетка Парвани, која со своето младо и бучно семејство се вселува веднаш спроти куќата на Уве. Пријателството со нив ќе предизвика низа настани кои ќе го променат не само Уве, туку и неговите соседи.

Книгата е објавена во 2013 г. и била 42 недели на Њујорк Тајмс листата на бестселери, а во 2015 г. бил снимен шведски филм со ист наслов, кој добил две номинации за Оскар.

Уживајте во читањето! 😃

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

Само еднаш сум дете

Училишни спомени

Нашето ново катче