Книги кои ги прочитав за време на летниот распуст
По напорната учебна година летово сакав да се одморам со книги кои ќе ме релаксираат и забавуваат, без многу напрегање и размислување. Ова беше мојот избор:
1. Очи на темнината – Дин Кунц
Дени е тинејџер кој заминува во извиднички камп со својата група и водичот, но по пат доживуваат сообраќајна несреќа во која никој не се спасува. Една година подоцна, на неговата мајка Тина почнуваат да ѝ се случуваат необични работи кои ниту еден рационален ум не може да ги објасни. Дали овие настани се на некој начин поврзани со Дени? Како е тоа возможно, ако тој загина пред една година? Тина почнува да ги следи и истражува овие нелогичности и необјасниви феномени и доаѓа до шокантни откритија. Овој роман припаѓа на жанровите мистерија, парапсихолошки трилер и научна фантастика. Зборува за надежта, вербата и истрајноста, сили кои нè движат во моменти кога мислиме дека сè е изгубено и нè мотивираат да го слушаме нашиот внатрешен глас кој никогаш не лаже.
2. Нож – Ју Несбе
Последниот роман во серијалот за храбриот детектив Хари Хуле кој е преведен кај нас. Во овој трилер Хари е соочен со најстрашниот кошмар на секој човек – напад на неговото семејство. Злосторникот му е добро познат на Хари, но во претходните делови од серијалот тој некако успеваше да побегне од него и од правдата. Како и секогаш, омилениот детектив на многу читатели смело се впушта во потрага дури и по цена на сопствениот живот. Она што привлекува кај Хари е неговата духовитост, силниот морален кодекс и интегритетот кои ја обележуваат неговата полициска кариера, приватниот живот и целиот негов живот воопшто. Дали ќе победи овој пат, прочитајте во овој исклучително напнат и возбудлив трилер.
3. Кери – Стивен Кинг
Овој роман зборува за средношколката Кери Вајт која поседува телекинетички моќи. Сместен е во жанрот хорор. Кери живее со својата мајка Маргарет - религиозен фанатик, која на сите начини ја спречува ќерка си да се дружи со врсниците и да има нормален тинејџерски живот. Поради тоа Кери е многу срамежлива и повлечена и мета на булинг во нејзиното училиште. Ова малтретирање кулминира на прославата на матурата во училиштето, кога Кери, без да ги контролира своите телекинетички моќи, решава да им се одмазди на сите и таа одмазда остава страшни последици за жителите на малото гратче. Според овој роман се снимени повеќе филмови, меѓу кои најпопуларен е оној од 1976 година, кој добил две номинации за Оскар.
4. За што зборувам кога зборувам за трчањето – Харуки Мураками
Овој роман ми го препорача мајка ми и почнав да го читам со мал сомнеж, но пријатно ме изненади. Повеќе дневник отколку класичен роман, оваа книга ги опфаќа личните доживувања на писателот во периодот од летото 2005 година до есента 2006 година. Според Мураками, оваа книга претставува еден вид мемоари, негов личен чин на преиспитување на себеси низ животот што го водел изминатите 25 години. Како активен тркач во дисциплините маратон и триатлон, тој објаснува како трчањето и тренинзите влијаеле на неговото пишување и на неговиот живот. Пишува за неговите подеми и падови, стравови, разочарувања, радости и победи над себеси, за стремежот да се биде подобар и за цената која притоа мора да се плати. Јас од лично искуство знам дека секој успех доаѓа со цена, која не е секогаш пријатна. Но, како што пишува и самиот Мураками, „Болката е неизбежна. Страдањето е избор“.
5. Марсовецот – Енди Вир
Научно-фантастичен роман кој ме остави без спиење. Ме освои со првата реченица и нетрпеливо ги вртев страниците за да видам што следно ќе се случи со главниот лик. Марк Ватни е астронаут во мисија на Марс, кој поради несреќен сплет на околности останува сам на непријателска планета, а неговата посада се враќа на Земјата не знаејќи дека тој преживеал. Без никаков контакт со планетата Земја и соочен со еден единствен избор - да преживее или да се предаде, Марк го избира првото и со неверојатна снаодливост и решеност ги надминува своите човечки граници, се бори со долготрајната самотија и не се предава, и покрај нереалните можности да успее да се врати дома. Книгата изобилува со хумор, надеж, натчовечки ментални сили и решеност да се преживее во околности кои не можеме ни да ги замислиме. Според овој возбудлив, напнат и неизвесен до самиот крај роман е снимен и филм кој беше номиниран за седум Оскари.
6. Дракула – Брам Стокер
Ова е епистоларен роман, што значи дека содржината е раскажана преку записи од дневниците на протагонистите, новинарски статии, телеграми и писма. Припаѓа на жанрот хорор. Грофот Дракула го повикува адвокатот Џонатан Харкер во Трансилванија за да посредува во купувањето имот во Лондон, но кога ќе ја види неговата убава вереница го затвора во замокот, а тој самиот заминува во Лондон. Пријателите на адвокатот се обидуваат да го уловат и убијат Дракула пред да направи голема штета, но неговите вампирски моќи се голема пречка. Романот е раскажан низ различните перспективи на ликовите и изобилува со готски хорор-сцени карактеристични за вампирите. Заради интересниот стил на кој е раскажан успева да го задржи вниманието на читателот. И според овој роман е снимен филм кој е добитник на три Оскари.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3