Филмски адаптации на познати книги, прв дел
Кога се прави споредба меѓу филм и книга невозможно е да се опишат во една реченица, затоа што се два различни медиуми кои на различен начин комуницираат со човекот. Книгата во најголем дел ја вклучува нашата имагинација, додека пак во филмот веќе ни е сервирано она што треба да си го замислиме или она што режисерот си го замислил. Во овој и во следниот напис ќе пишувам за филмски адаптации на книги кои можат и кај нас да се најдат преведени на македонски јазик.
1. Со затворени очи (2018), режисер Сузан Биер
Овoj апокалиптичен трилер снимен според книгата со оригинален наслов „Bird box“ е од авторот Џош Малерман, а кај нас е преведена „Со затворени очи“. Планетата е нападната од мистериозен феномен, кој секој што ќе го погледне го полудува и го наведува да се повреди себеси или луѓето околу себе. Малори е мајка на две деца кои мора со покриени очи да ги превезе од нивната безбедна куќа, преку шуми и реки до местото на кое ќе бидат заштитени. Филмот е одличен, има супер ефекти, напнат, ја држи тензијата до самиот крај. Сандра Булок во улогата на Малори е исто така одлична.
Но, филмската адаптација многу се разликува од книгата. Дејството во книгата се развива многу побавно и постепено, додека во филмот целата апокалипса се случува буквално за неколку часови. Некои ликови во филмот се изменети или измислени, на пр. ликот што го глуми Џон Малкович е измислен и според мене излишен, бидејќи никако не придонесува во приказната. Децата во книгата имаат клучна улога (за разлика од филмот), затоа што Малори ги одгледува со покриени очи од самото нивно раѓање и тие практично функционираат како слепи, за да можат да се спасат себеси и мајка им. Ова Малори го прави смислено, за да им ги зајакне другите сетила, за безбедно да стигнат до нивното ново прибежиште. Крајот на книгата е многу помрачен отколку филмот, но мене ми се допаднаа и филмот и книгата. Напнат и страшен филм во кој луѓето треба да преживеат во борба со невидлив непријател. Во другите улоги настапуваат Треванте Роудс, Том Холандер, Сара Пулман и други.
2. Чудниот случај на Бенџамин Батон (2008), режисер Дејвид Финчер
Филмот е адаптација на истоимената кратка новела на Ф. Скот Фицџералд од 1922 година. И приказната и филмот раскажуваат за Бенџамин Батон, кој се раѓа како 70-годишен старец и го живее животот обратно од сите луѓе, т.е. од староста кон детството. Освен оваа првична идеја, сè друго во филмот е измислено или изменето. Бенџамин во книгата се однесува соодветно на возраста, додека пак во филмот се чини дека на почетокот е дете заробено во тело на старец, а во подоцнежните години е старец заробен во детско тело. Ликовите, дејствата, неговиот животен пат, неговата љубов, сè се разликува од книгата, но сето тоа некако успешно функционира во филмот.
Бред Пит одлично си ја завршил работата во глумењето лик кој во еден момент има 70 години, во друг момент 50, во трет 30... итн. Во другите улоги се појавуваат Кејт Бланшет и Тилда Свинтон. Филмот добил 13 номинации и 3 Оскари. Книгичката, иако кратка, исклучително е содржајна и секако ја препорачувам, заедно со филмот.
3. Чоколадо (2000), режисер Ласе Халстром
Филмска адаптација на книгата „Чоколадо“ од Џоана Харис. Вијан и Анук се мајка и ќерка кои водат номадски живот. Патуваат од едно до друго место и секаде кај што ќе се населат отвораат продавница за чоколадо. Кога за време на строгиот велигденски пост ќе стигнат во малото француско селце Ланскане, чии жители имаат ригидни конзервативни сфаќања, предизвикуваат бура од измешани реакции. Но, лека полека, почнуваат да ги освојуваат луѓето со нивните чоколадни слатки и да им го менуваат животот кон подобро. Филмското остварување целосно се разликува од книгата, почнувајќи од времето во кое се случува дејството, самото дејство, па сè до главните ликови, разликите се големи. Слободно може да се каже дека филмот бил само инспириран од книгата, а не правен според неа.
Филмот е уживање за сите сетила: има одлична
музика, одлична актерска екипа, многу сцени во кои се прави чоколадо и
чоколадни слатки, и доза на мистичност која го прави посебно привлечен.
Главните улоги ги толкуваат Жилијет Бинош, Џони Деп, Џуди Денч, Алфред Молина и
уште цел куп познати глумци. Филмот
добил пет номинации за Оскар. И за крај, не заборавајте покрај себе да имате
нешто чоколадно додека гледате, бидејќи ви гарантирам дека ќе ви се отвори
апетитот 😉.
4. Сликата на Доријан Греј (2009), режисер Оливер Паркер
Овој филм е адаптиран од романот со ист наслов на Оскар Вајлд (прочитајте повеќе на овој линк). Доријан Греј е викторијански аристократ, кој заљубен во својата убавина и младост порачува да му се изработи портрет кој засекогаш ќе ја овековечи неговата привлечност. Кога ќе ја види готовата слика, тој прави пакт со ѓаволот: по цена на својата душа сака засекогаш да остане млад и убав како на сликата, а портретот да старее наместо него. Желбата му се исполнува и тој добива малку повеќе од она што го посакал, а тоа го води кон порочен живот и последици од кои нема враќање.
Направени се повеќе адаптации на оваа новела, јас ја изгледав онаа од 2009 година со Бен Барнс во улогата на Доријан Греј, Колин Фирт како лорд Хенри Вотон, Бен Чаплин како Базил Холвард и други познати глумци. И книгата и филмот многу ми се допаднаа, но само ако се набљудуваат како посебни дела. Имено, филмот многу се разликува од книгата, до таму што дури и изгледот на ликовите е различен. На пример, Доријан во книгата е русокос со сини очи, а во филмот има црна коса и темна боја на очите. Во филмот се додадени ликови и дејства кои во книгата ги нема и според мене се непотребни. Но, како уметнички производ филмот е добро осмислен, со интересни ефекти и како самостоен производ е одлично направен.
5. Крадачка на книги (2013), режисер Брајан Персивал
Автор на истоимената книга според која е снимен филмот е Маркус Зусак. Лисел Мемингер е тинејџерка која ја посвојуваат Ханс и Роса Хуберман, кои во нацистичка и со војна зафатена Германија тешко обезбедуваат пари за да се прехранат. Таа се спријателува со соседот Руди кој ѝ е врсник и со Евреинот Макс, малку постар од неа, кој нејзиниот очув го крие во подрумот за да го заштити од нацистите. Лисел и Руди крадат книги кои Лисел ги чита со Макс и добива инспирација и самата да напише роман. Интересно и во романот и во книгата е што наратор на приказната е Смртта. Таа ја добива неблагодарната задача да објасни зошто нечии души ги зема кај себе, а други ги остава да живеат. Се добива впечаток дека Смртта е не само милосрдна, туку има и некои човечки емоции, како што се емпатија и сожалување.
Филмот добил повеќе награди и една номинација за Оскар. Главните улоги ги толкуваат: Софи Нелис, фантастичните Џефри Раш и Емили Вотсон, а гласот на Смртта е Роџер Алам. Сценариото малку се разликува од книгата, но генерално се држи до дејството и до главните карактеристики на ликовите. Топла и емотивна приказна која е на моменти напната, и исто толку страшна колку што е и прекрасна. Изобилува со одлични визуелни и аудиоефекти и прекрасна музика. Препорака и за филмот и за книгата.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3