„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

 

Општина Гази Баба со помош на млади ентузијасти и актери го реализираше проектот „Тумбуфафа и истражувачите“, за децата да можат понепосредно да се запознаат со убавините на нашата општина. Денес гостин на блогот ни е младиот и талентиран актер Андреј Лефтеров, кој во серијата го глуми ликот на Давид. Тој малку подетално ќе ни раскаже за неговото искуство во оваа мини-серија за деца.

 1.    Здраво Андреј, како си? Како ти поминува летниот распуст?
-    Здраво и од мене, одлично сум, конечно сме на распуст, нема тестови, нема испрашување, нема домашни задачи. Летниот распуст ми поминува забавно, спијам до колку сакам, немам обврска да станам рано за да се приклучам на Teams, поголемиот дел од денот го поминувам надвор со другарите.
2.    За почеток кажи ни што значи Тумбуфафа и која е целта на проектот? Дали ти лично научи нешто ново од оваа серија за деца?
-    Под тоа име глуми главниот лик во серијата - истражувачот. Нема некое посебно значење, туку звучи интересно со цел да го привлече вниманието на младите.
-    Да, јас научив многу од оваа серија  за убавините на нашата општина  Гази Баба за кои не сум знаел досега.
3.    Како започна твојата актерска приказна? Кога и како се запозна со глумата? Што те привлече кон неа?
-    Уште од мали нозе ме привлекуваше глумата, многу често со моите родители одевме во театар и со големо внимание ги следев театарските претстави на сцена.
-    Мојата актерска приказна започна  во моето училиште кога глумев во една драмска претстава во рамки на еден проект, а потоа благодарение на мојата наставничка Емилија Георгиевска, која упорно ме поттикнуваше и уште повеќе ми ја вгради љубовта кон глумата.
4.    Ти пречеше ли ангажманот во „Тумбуфафа“ за време на учебната година? Колку време ти одземаше снимањето?
-    Морам да признаам дека снимањето беше напорно, снимавме од раните утрински часови до доцна навечер, но моите наставници имаа разбирање, беа запознаени со мојот ангажман и ми помогнаа да го надополнам пропуштениот материјал.

 

 5.    Како изгледаше еден твој ден на сетот на серијата? На кои сè локации се снимаше? Имаше ли трема?
-       Како што кажав погоре, снимањето го започнувавме многу рано во 6:30 ч, меѓу сетовите имавме куси паузи, но во текот на целиот ден се забавувавме, се шегувавме и многу брзо ни поминуваше времето. Бидејќи снимавме на различни локации постојано бевме во движење со екипата. Со снимање завршувавме во 20:00 часот навечер.
-       Снимавме на повеќе локаци: црквата Св.Петар и Павле, локалитетот Тумба Маџари, црквата Св.Архангел Михаил во Автокоманда, џамијата во Ченто, црквата  Св.Недела во Смилковци, локалитетот Круша во Стајковци.
6.    Раскажи ни некоја интересна и забавна случка што си ја доживеал за време на снимањето.
-    За време на снимањето имавме многу интересни случки, смеење до солзи... но еве ќе ја издвојам случката кога снимавме во станот кој во серијата беше мојот дом и домот на сестра ми Ива, игравме еден Тик-Ток денс и истражувачот Тумбуфафа, кој го глумеше актерот Роберт Ристов, кој е прилично висок човек, кревајќи ги рацете, затоа што таков беше денсот, удри во лустерот и едвај успеавме да го задржиме да не падне.
7.    Која локација од општина Гази Баба најмногу ти се допадна и зошто?
-    Сите локации кои ги посетивме беа посебни, тие  во себе го кријат минатото на нашите предци, култура, традиција, но еве ќе го издвојам археолошкото наоѓалиште Тумба Маџари, затоа што бевме воодушевени од тоа што го видовме таму. Овој локалитет претставува населба од неолитско време од VI милениум пред нашата ера. Посебно  интересен  ни беше податокот дека на овој локалитет е пронајдена теракота на Големата Мајка.
8.    Кој ти ја дава најголемата поддршка да истраеш во актерскиот предизвик?
-    Најголема поддршка најнапред добивам од моите родители, но исто така повторно ќе ја споменам мојата наставничка до петто одделение Емилија Георгиевска, директорката на моето училиште „Кирил и Методиј“, како и сите наставници кои ми предаваат, затоа што имаат големо разбирање за моите активности.

 
9.    Има ли разлика помеѓу учењето на репликите за серијата и учењето лекции во училиште? Што ти е потешко?
-    Да, има голема разлика, многу полесно се учи тоа што сакаш да го научиш со љубов, тоа што те привлекува, а се разбира го учиш на еден интересен, забавен начин и се разбира така полесно се помни без да добиеш оценка во дневник. Оценката од научените реплики е, всушност, крајниот продукт кога ќе ги видиш позитивните реакции на другарите и роднините кои го гледале филмот.
10.    Имаш ли омилена епизода од серијата?
-    Не би можел да издвојам омилена епизода, сите епизоди подеднакво си ги сакам, секоја епизода ми буди многу убави спомени од снимањето.
11.    Дали со другите деца – актери одржувате контакт и се дружите?
-    Да, со сите актери од филмот контактираме на социјалните мрежи, а кога ќе помине ситуацијата со вирусот се надевам и дека ќе се дружиме физички.
12.    Имаш ли желба да продолжиш да се занимаваш со актерство и кога ќе пораснеш да ти биде можеби кариера?
-    Желбата за глума ја имам уште од најрана возраст и сѐ уште тлее во мене, но не можам да кажам дали ќе биде моја идна професија, ќе оставам времето да покаже.

 
13.    Освен глумата, со кои други интереси го исполнуваш времето? Спорт, учење странски јазици, музика, компјутери...?
-    Освен со глума, се занимавам со синхронизирање серии, тренирам ракомет, свирам на гитара - веќе две години учам во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и посетувам курс за компјутери во Семос Едукација.
14.    Андреј, останаа ли неистражени убавини во нашата општина, кои можеби, истражувачите на Тумбуфафа ќе ги откриваат во некој иден проект?
-     Има уште многу локации кои треба да се истражат во нашата општина, а тимот на Тумбуфафа има иден план за тоа, но не би сакал да откривам повеќе затоа што сакам да биде изненадување.
15.    Те измори ли интервјуто?
-    Не, напротив, уживав додека одговарав на вашите прашања и бескрајно сум  благодарен на тимот на вашиот ученички блог што ми дадовте можност да ги споделам моите доживувања од снимањето на оваа серија.
16.    Дали има нешто што не те прашав, а сакаш да го споделиш со читателите на блогот?
-    Мислам дека со прашањата опфативме сѐ што може да се каже и сподели за ова мое убаво искуство во глумата.

Ти благодарам што ни беше гостин на блогот, ти посакувам многу успех во актерството, во училиште и убав летен распуст.
-    На крајот и јас сакам да ви се заблагодарам уште еднаш за сѐ што ме прашавте, за вашиот интерес околу моето учество во серијата. Сакам да ја поздравам идејата за ученичкиот блог што функционира во вашето училиште, редовно ве следам и ги читам вашите објави, навистина сум воодушевен, продолжете така. Ги поздравувам сите ученици во вашето училиште, а се разбира и моите од ООУ „Кирил и Методиј“.

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ VIII-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

Само еднаш сум дете

Училишни спомени

Нашето ново катче