Едно поинакво лето
Но, моите родители имаа поинаква замисла. Уште кога се врати мајка ми од Белградскиот маратон кој се одржа на 6 јуни, ми најавија дека летово ќе имаме гости од Србија, нивни пријатели кои имаат ќерка на моја возраст. Јас, се разбира, како типичен тинејџер само превртев со очите, но кога ми кажаа дека со нив ќе одиме 15 дена во Охрид веќе почнав сериозно да негодувам. Како го замислуваат тој одмор? Тие да се дружат со пријателите, а јас да ја забавувам нивната ќерка? Мајка ми ме убедуваше дека девојчето е многу дружељубиво, отворено, ведро, симпатично, но не ме разубеди. Бидејќи никаков мој протест не помогна, луѓето дојдоа во договорениот ден за заедно да отпатуваме во Охрид.
Средбата беше... па, интересна. Додека возрасните радосно се поздравуваа и се прегрнуваа, заборавија дека имаат деца кои меѓусебе не се познаваат. Ние двајца стоевме настрана, чекавме некој да се сети на нас и додека се мислев дали да му пријдам на девојчето и да се претставам, таа ме претрка. Дојде до мене со леснотија и едноставност како да се познаваме цел живот и со широка насмевка ми ја пружи раката: „Чао, ја сам Јелена“. Хмм... зборувам три странски јазика, но помилозвучен јазик од српскиот досега немав слушнато. Висока колку мене, со кратка црна коса и зелени очи, таа беше најубавото девојче што сум го видел. На ушите имаше минијатурни зелени обетки во форма на ѕвезди што светкаа како кристалчиња и некако особено ја истакнуваа нејзината убавина.
Таа на шега ми се обраќаше со „хеј, клинац“, бидејќи, замислете, цели 11 дена е постара од мене. Откривме дека имаме многу различни интереси, слушаме различна музика, сакаме различни жанрови на книги и филмови, играме различни типови игрички на мобилен... но и покрај тоа нашите разговори ни за миг не стивнуваа. Не морам да кажам дека тие 15 дена во Охрид ми летнаа за минутка.
Кога ги гледам сликите од одморот сфаќам дека на некои моменти што ги овековечил фотоапаратот воопшто не се ни сеќавам. Сè што помнам се зелените очи на Јелена, кристалните обетки во иста боја и нејзината прекрасна насмевка. Ова лето запознав девојче кое ми стана многу повеќе од симпатија, ми стана вистинска другарка.
Нашите мајки се пријавија да учествуваат на Виз ер скопскиот маратон во октомври и тогаш белграѓаните повторно ќе ни дојдат на гости. И токму заради тоа, да ми кажуваше некој дека едвај ќе чекам да заврши распустот и да дојде есента, ќе му се изнасмеев во лице. Но, ете, и тоа било возможно.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ VIII-3