Филмски адаптации на познати книги, втор дел
Ова е вториот напис за филмски адаптации на книги кои кај нас се преведени и можеме да ги читаме на македонски јазик. Во написите опфатив повеќе филмски жанрови, за да можат во филмовите да уживаат и љубителите на драмата, трилерот, научната фантастика, романсата... Инаку, мој омилен филмски и книжевен жанр е хоророт, а омилен автор ми е Стивен Кинг 👻😃.
1. Сјаење (1980), режисер Стенли Кјубрик
Стивен Кинг е авторот на книгата според која е снимено ова филмско остварување. Џек Торенс добива задача да го чува изолираниот на планина празен хотел „Видиковец“ за време на зимата. Со него одат неговата сопруга Венди и петгодишниот син Дени, кој има психички моќи, кои во книгата Кинг ги нарекува „сјаење“. Дејството почнува да се заплеткува кога хотелот со своите мрачни сили почнува да го опседнува Џек. Отсечени од светот заради високиот снег, Венди и Дени се принудени како знаат и умеат да преживеат со непредвидливото и сè поопасно однесување на Џек. Морам да кажам дека книгата ми беше многу поморничава од филмот и покрај култните сцени со близначките, лифтот од којшто се излева поплава од крв и сцените во кои Џек гo брка Дени со секира низ замрзнатиот лавиринт. Овие сцени во книгата не постојат, ги додал режисерот, претпоставувам заради драматика. Тој направил многу измени во дејството, во крајот на филмот, во ликовите и нивните карактери што убаво се вклопуваат во сценариото (освен ликот на Венди, која е сосема поинаква во книгата - русокоса, независна и силна жена).
Стивен Кинг никогаш не го одобрил филмот поради суштинските промени што се направени. Мене ми се допаднаа и едното и другото, филмот има одлични ефекти, доволно е страшен и напнат за да го задржи вниманието и до денес се смета за еден од најуспешните и најдобрите хорор-филмови во филмската индустрија. Улогите ги толкуваат Џек Николсон, Шели Дувал и Дени Лојд.
2. Да се убие птицата подбивница (1962), режисер Роберт Мулиган
Ова е адаптација на романот со ист наслов од авторката Харпер Ли (овде пишував за книгата). Атикус Финч е адвокат кој добива неблагодарна задача да брани млад црнец обвинет за злосторство кое не го направил, во општество во кое е длабоко вкоренета расната и социјалната дискриминација. Но, заради својот цврст морален интегритет, и покрај тоа што го навлекува на себе гневот на своите соседи и сограѓани, Атикус ја извршува таа задача најдобро што умее. Судењето го следат неговите две деца Скаут и Џем, кои не ја разбираат неправдата што му се прави на младиот Том Робинсон.
И филмот и книгата се раскажани од перспективата на Скаут, низ нејзините детски очи и чиста детска душа. Многу се слични, со тоа што филмот не може да ги пренесе сите детали и нијанси кои може да ги има само книгата и заради тоа убаво би било и да се прочита книгата, и да се изгледа филмот. Малите разлики не го менуваат дејството на филмот од 1962 г. со Грегори Пек во главната улога, кој освоил Оскар. Топла препорака од мене, прекрасна книга и одличен филм.
3. Фаренхајт 451 (2018), режисер Рамин Бахрами
Дистописки филм чие дејство се случува во иднината, во неименувано општество каде што книгите се илегални и се обесхрабрува независното и слободно мислење. Иднината во филмот е поинаку замислена отколку иднината за која пишувал Ред Бредбери во новелата од 1953 г. со ист наслов. Во филмот луѓето се робови на интернетот и на социјалните мрежи, а во книгата тие се заробеници на телевизијата (во 1953 сè уште не постоел интернетот, а телевизорот бил луксуз).
Гај Монтаг е пожарникар чија задача не е да гасне пожари, туку да ги создава, со тоа што ги пали книгите и домовите на престапниците. Во еден момент тој ја запознава Клариса, која ќе го промени неговиот начин на размислување. Гај почнува да ја преиспитува исправноста на тоа што им го наметнува општеството и почнува да се бунтува против него. Улогите ги толкуваат Мајкл Б. Џордан, Мајкл Шенон, Софија Бутела и други. Книгата и филмот многу се разликуваат. Филмот повеќе се фокусира на чинот на палење книги, целосно занемарувајќи го штетното влијание на телевизијата врз луѓето. Но, целта е постигната, неважно дали со интернетот или со телевизијата, општеството успешно ги држи луѓето окупирани во виртуелната реалност, спречувајќи ги да размислуваат со своја глава и да се развиваат во вистинската реалност. Книгата ми се допадна повеќе од филмот, и покрај одличната глума и добрите визуелни ефекти.
4. Човекот по име Уве (2015), режисер Ханес Холм
Филм снимен според книгата со ист наслов на Фредрик Бакман (видете повеќе на овој линк). Ако досега сте мислеле дека намќорест и кавгаџиски настроен пензионер не може да биде симпатичен, и романот и филмот ќе ве разубедат во спротивното. Зад тврдото и намуртено лице на Уве се крие емотивна човечка приказна, која со секој кадар на филмот полека се одмотува. Уве е во конфликт со сите негови соседи, сè додека спроти неговата куќа не се досели младото семејство на Парвани, која има две мали деца и трето на пат и кое практично го „посвојува“ Уве како нивен дедо. Прекрасен шведски филм, доследен на книгата и во дејството и во репликите, и одлична глума. Добил две номинации за Оскар и повеќе награди на европски филмски фестивали.
Се надевам дека ви се допадна мојот избор на филмови😃
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3