Наша планета, наше здравје
Светскиот ден на здравјето се одбележува секоја година на 7 април во чест на годишнината на формирањето на Светската здравствена организација во 1948 година. Секоја година за овој датум се избира тема која нагласува еден важен приоритет на СЗО. Во светло на моменталната пандемија, загадената планета и зголемената фреквенција на болести како канцер, астма и срцеви заболувања, темата на Светскиот ден на здравјето 2022 е „Наша планета, наше здравје“.
Според СЗО, повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година настануваат поради еколошки причини кои можат да се избегнат. Како резултат на согорување на фосилни горива, 90% од луѓето на нашата планета дишат загаден воздух. Екстремните временски настани, деградацијата на земјиштето и недостигот на вода ги раселуваат луѓето и влијаат на нивното здравје.
Годинашното мото треба да биде силен потсетник дека решавањето на многу од овие прашања не се само во надлежност на здравствениот сектор, туку на владите и општествата како целина. СЗО оваа година ќе го насочи глобалното внимание кон преземање итни активности потребни за да се одржат луѓето и планетата здрави и да се поттикне движење за создавање општества фокусирани на благосостојба.
Пандемијата на КОВИД-19 ги покажа слабостите на општеството, нееднаквоста во пристапот до здравствената заштита и превентива, и неправедноста на економските системи. Државите треба да ги насочат своите цели кон прекинување на циклусот на уништување на планетата и здравјето на луѓето и кон градење еколошка одржливост, правичност и добросостојба за сите жители на планетата.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3