Иднината на човековата раса
„Стекнувањето богатство не е повеќе движечка сила во нашите животи. Работиме за да се подобриме себеси и остатокот од човештвото“, кажа капетанот Жан-Лук Пикард во една епизода од научно-фантастичната серија „Ѕвездени патеки“.
Токму вака ја замислувам иднината на човекот. Желбата за лично богатење и натрупување на материјална добивка е заменета со хумани вредности. Луѓето работат за да се унапредат себеси и своето општество, за личен раст и развој и за доброто на сите живи суштества. Не постојат војни, сиромаштија и глад. Медицината е толку напредна, што има лек за речиси секоја болест. Сите деца имаат еднакви можности за живеење, растење, учење и развој, и секое дете добива подеднаква шанса да ги оствари своите потенцијали. Нивните права се почитуваат и тие се не само декларативно, туку и вистински најголемото и најскапоценото богатство на човекот. Главни движечки вредности на човештвото се хуманоста, помагањето, соработката, емпатијата и прифаќањето на различностите. Нема бездомници и сираци, сите луѓе живеат со своите семејства и достоинствено се згрижени. Секој троши онолку колку што му е потребно за пристоен живот, без да ги оптоварува, оштетува и ограбува природните ресурси. Луѓето живеат во хармонија со природата, дишат чист воздух и пијат чиста вода, поради тоа што ја заштитуваат и не ја загадуваат животната средина. Човекот се вреднува според неговиот придонес за унапредување на човештвото, според она што го создава, а не според богатството што го стекнал заради лична корист.
Можеби звучи премногу идеалистички, но останува надежта дека човекот ќе сфати дека иднината е во заедништвото, во споделувањето, во љубовта кон животот во секоја форма и големина, а не во алчноста, себичноста, лажењето и мрзеливоста. Големината на човекот се мери со неговите доблести и начинот на кој ги користи за општо добро.
Есејот освои прва награда на литературниот конкурс на Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор – Македонија, во рамки на проектот „И јас имам глас“. Наградата беше парична и се состоеше од 150 евра наменети за Ученичкиот парламент, со кои училиштето набави два принтера за потребите на Ученичкиот парламент и Ученичкиот клуб за детски права.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3