21 март- Светскиот ден на поезијата
Секоја година, 21 март е резервиран за одбележување на три големи настани. Освен што ќе и кажеме големо ,,Добредојде" на пролетта и ќе си го средиме домот, училиштето или работното место во чест на Денот на екологијата, ќе го прославиме и Светскиот ден на поезијата.
Одлуката токму 21 март да се прославува како Светски ден на поезијата била усвоена во Париз во 1999 година. Оттогаш, овој ден се прославува со книжевни собири низ целиот свет од страна на поетите кои испраќаат пораки во чест на стиховното творештво.
Една од главните цели е да се поддржи јазичната разновидност преку поетски израз и да им понуди на загрозените јазици можност да бидат слушнати во нивните заедници. Да го охрабри враќањето на усната традиција на поетски рецитали, да се промовира учењето поезија, да се врати на дијалогот меѓу поезијата и другите уметности и да им се даде поддршка на малите издавачи и создавање атрактивна слика за поезијата во медиуми.
Во чест на поетите, еве неколку познати стихови од нивните поезии:
* “Нема ли живот, нема ли љубов за живот голема, љубов за живот човечна у виа гради аргатски?...” - ,,Печал", Кочо Рацин
* ,,Орелски крилја как да си метнех, и в наши ст’рни да си прелетнех!.. “ - ,,Т’га за југ", Константин Миладинов.
* ,,Ти што ќе стоиш на Гази Баба, потомче-чуј: одовде и јас Скопје сум го гледал, а денот беше пролетен..."- ,,Скопје", Блаже Конески
* ,,Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство: ни детските шепоти што ги откривав во сеидбите на дождовите, ни закажаната бура во пајажината…”: извадок од циклусот ,,Пет љубовни писма”, - Петре М. Андреевски