Љубов во моето срце
Љубов. Како сенка, тивко,
тивко доаѓа. Нешто наивно, но слатко како мед. Велат дека тоа го поматува умот,
срцето чука забрзано, мислите бегаат наоколу и сè некако добива поинаква
смисла. Во потсвеста се сместува една личност и сè друго е бесмислено, без
нејзиното присуство. Љубовта е длабока. Тонам во тоа море во кое секоја капка
е едно чувство. Би била неизмерно среќна да може да потонам во него. Љубовта
е бесмислена. Со детска насмевка и очи полни солзи. Љубовта гори. Те гори
тебе. Но, над оганот нема контрола никој, па така и жештината која ја имавме меѓу
прстите стануваше преголема. Бевме луди и лудозаљубени. Па така,
тој оган нè изгоре нас. Нè изгоре и згасна. Така згасна и мојата љубов за тебе.
И сега го гледам пламенот и знам дека ме чека повторна изгореница. Седам и
зјапам во твоето име на мојот телефон. Можеби мислев дека тоа ќе биде некаков
доказ, дека некогаш си ме сакал. Некаков
доказ дека можеби некогаш пламенот е добар? И сега твоето име останува име,
некогашната искра останува обичен збор, некогашните слики остануваат само
изгорени моменти. Пламен. Многу луѓе се плашат од него, но јас затоа те сакав
тебе. Тој е див, луд, но секогаш живописен и секогаш остава белег. Исто како ти на
мене. И сега, сите тие мали ветувања,
сите наши изгрејсонца што ги гледавме заедно, сите мали кавги за кои ќе плати
или кој филм ќе го гледаме испарија. Станаа дел од сонцето и дел од некогашната
искра што ја имавме. Се горам од сите такви моменти, се горам од сите мисли за
тебе, како си, дали се сеќаваш; се горам од постојаните мисли на тоа како ќе
беше нашиот пламен да не исгаснеше. Ете, од тоа се горам. Од љубовта во моето срце. И сите тие ветувања
дека засекогаш ќе ме сакаш доцна сфатив дека беа ужасно наивни. Ужасно
лекомислени и произлезени од довербата што ја имав во тебе. Довербата што ја
имав во тој ужасен и глупав оган кој уште го сакам.