Училишни спомени

 


Ги броиме последните денови и часови кога за последен пат ќе излеземе низ широката бела порта на нашето сакано училиште. Зад нас ќе ги оставиме не само нашите наставници и помалите соученици, туку и девет години од нашиот живот во кои создадовме драгоцени спомени. Спомените ќе си ги понесеме со нас, но дел од нив ќе оставиме за училиштето засекогаш да ги чува успесите кои ги постигнавме. Многу натпревари, проекти, приредби, ученички иницијативи и активности... ќе сведочат дека сме оставиле печат не само на нашата училишна заедница, туку и во нашата општина и пошироко. Понекогаш и забушававме, бидејќи мора да ги оправдаме „бубачките во глава“ што ни ги припишуваат возрасните.

За нас, деветоодделенците, завршува една етапа од нашиот живот и почнува нова и непозната за нас. Од овде ќе ја понесеме пораката од нашите наставници дека што и да станеме во животот, каде и да бидеме, секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себе.

Некои од нас ќе се посветат на научно-истражувачка работа и ќе ги откриваат тајните на природата, други ќе станат уметници и музичари, трети ќе ја продолжат мисијата на нашите наставници да образуваат и изведуваат на пат нови генерации ученици. Некои ќе станат писатели и поети, а некои ќе развиваат компјутерски вештини и знаења или ќе изучуваат странски јазици.

Каде и да нè однесе животот, засекогаш со нас ќе ги носиме сеќавањата на првите чекори во нашето училиште, на топлината и нежноста со која нè прегрна и нè чуваше изминатите девет години. Од малечки збунети првачиња со уплашени очи и несигурен чекор, станавме вредни млади луѓе со жар во очите, кои желно посакуваат да го трасираат својот животен пат низ многу успеси и порази. Бидејќи така се гради карактерот и тоа е единствениот начин на кој ќе научиме да се справуваме со сè што ќе ни донесе животот. Се надевам дека на тој пат ќе имаме повеќе успеси, а помалку порази.

Со љубов ќе се сеќаваме на првите цврсти другарства, првите вљубувања, симпатии и скршени срца, првите непроспиени ноќи заради тест или натпревар, првите екскурзии, првите солзи од разочарувањата кои ни го донел нашиот невин и чист детски поглед на животот, и првите радости заради постигнат успех.

Денеска го славиме крајот на едно патување и почетокот на ново и непознато за нас. Тоа ќе биде возбудливо патување, преполно со нови надежи, нови можности и избори. Нашите соништа ќе продолжиме да ги сонуваме и полека да ги остваруваме на некое друго место, но Дане Крапчев секогаш ќе има посебно месо во нашите срца и ќе продолжи да се гордее со нас.

 

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ, првенец на генерацијата 2013-2022

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

Нашето ново катче

Само еднаш сум дете