Корисно и забавно време поминато на интернет
Интернетот е најголемиот и најбрзиот извор на информации што ни е достапен во секое време и може да биде многу корисна алатка ако се користи правилно. Наместо бесмислено да скролате низ Фејсбук и Инстаграм кога ви е досадно, искористете го тоа време продуктивно, за да научите нешто ново. Прочитајте неколку препораки како да го поминете корисно и забавно времето поминато пред компјутер.
- Научете нешто ново. Интернетот е полн со веб-сајтови, апликации и онлајн курсеви кои бесплатно нудат знаења и вештини. Вие само треба да изберете што ве интересира: да научите нов странски јазик, да стекнете некоја компјутерска вештина, да видите како се сади зеленчук или цвеќе, како правилно да се грижите за домашниот миленик, да ги научите правилата на некоја спортска дисциплина, да научите да готвите... изборот е бесконечен.
- Организирајте се. Сите тие фајлови што ви го преполнуваат десктопот и ви прават хаос може да ги средите и организирате во посебни папки. На пример, направете една папка за фотографии и организирајте ја по датуми, месеци и години, и во неа распоредете ги сите слики што ви зафаќаат простор на десктоп или ја полнат меморијата на мобилниот телефон. Во друга папка за училишните задачи направете посебни фолдери за секој предмет и на едно место чувајте ги сите изработки за секој предмет посебно. Така секогаш ќе знаете што каде се наоѓа.
- Прошетајте го светот. Апликациите Google Earth и Google street view ќе ве однесат буквално каде и да посакате на планетава. Ајфеловата кула, пирамидите во Египет, Кинескиот ѕид, Рио де Жанеиро, Хаваи... само замислете каде сакате да одите и ќе бидете таму со неколку кликови на глувчето.
- Одберете хоби. Можеби правите добри фотографии, вешти сте во рачни изработки (накит, оригами, украси, честитки), убаво цртате, изработувате видеа, создавате музика, учите програмирање и изработка на веб-сајтови... Интернетот нуди безброј идеи за хобија кои може да ги практикувате во слободно време.
- Читајте книги. Постојат многу инернет-страници кои овозможуваат онлајн читање или бесплатно преземање на е-книги. Можете, исто така, да го искористите интернет и за да истражите кои книги би биле интересни за вас, да бидете во тек со новите изданија на вашиот омилен писател, да најдете препораки што да читате и што не, и да пребарувате други информации поврзани со книгите.
- Гледајте документарци и едукативни содржини. Ова е одличен начин да ги надополните вашите знаења за кој било предмет ако сакате да научите нешто повеќе, да се подготвите за училиштен тест или да си помогнете кога се подготвувате за некој натпревар.
- Пишувајте блог. Ако мислите дека не сте многу вешти во изразувањето, водењето блог може многу да ви помогне да ги развиете пишувачките способности. Проза, поезија, личен дневник, може да пишувате за сè што сакате, да ги пренесете вашите мисли и идеи за најразлични теми и на тој начин да го вежбате критичкото мислење.
Која е вашата омилена активност на интернет?
Сигурен сум дека некои од предлозите добро ќе ви дојдат за време на претстојниот
летен распуст 🙂
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3