Човекот ми е драг, но природата ми е помила

 


Сите ние што живееме на Земјата сме свесни кои сме и што сме. Себеси се гледаме на едно високо ниво, како да сме семоќни битија околу кои сè се врти. Ги гледаме работите од високо, но никогаш не сме се запрашале дали навистина сме семоќни, дали сè се врти околу нас и дали сме навистина потребни за опстанокот на планетава.

Дојдовме до точка во еволуцијата каде се уништуваме самите себе, бидејќи се држиме до истите верувања веќе стотици години. Сакаме моќ и богатство без оглед на тоа кого ќе прегазиме и што ќе уништиме, и заради ова страдаат милиони луѓе и безброј хектари природа. Кажете ми, што добива обичниот човек од војните? Ништо, така е? А губи драгоцени животи и се зголемува анимозитетот помеѓу државите и цели региони „се бришат“ од картата на светот заради бомбардирања.

Огромен број животни страдаат и умираат на најужасни начини, а ни растителниот свет не е поштеден. Милиони луѓе страдаат и гинат во овие ситуации и уште три пати повеќе мораат да избегаат надвор од државата најбрзо што можат.

Да не зборувам за загадувањето на природата и водите, за глобалното затоплување и сечењето на шумите. Масовната индустријализација носи со себе големи добивки, но остава и големи последици. Се испушта толку големо количество на стакленички гасови што Земјата се загрева со алармантна брзина. Се зголемува загадувањето на воздухот, се покачува нивото на водата, што е лошо за сите водни животни и растенија.

Ова многу лошо го погоди Големиот корален гребен во Австралија, кој се протега на околу 450 илјади км2 и е еден од најкомплексните природни екосистеми во светот. Повеќе од половина од гребенот е изумрен. Потоа, Амазонската Прашума е исечена 21% и оваа бројка секојдневно продолжува да расте. Заради гладот на човекот за моќ и ресурси, прекрасна прашума се уништува, тоа влијае на глобалното затоплување и сиот жив свет ги чувствува последиците.

Нелегалното ловење и ширењето на градовите и населбите во природните живеалишта на животните доведе до истребување на многу животински видови. Белиот носорог, делфинот баиџи, западниот црн носорог и гепардот од Азија се изумрени, а животни како синиот кит, пандата и тигрите се во опасност од изумирање.

За жал, потрагата на човекот за моќ не престанува овде, таа се шири и кон вселената. Земјината орбита е полна со вселенско ѓубре составено од деактивирани сателити, напуштени вселенски летала и друг отпад кој сме го оставиле во вселената. Ова ѓубре може да ни го попречи патот во идните вселенски експедиции, а заради огромното количество, Земјата може да добие прстени како на Сатурн.

Никако да сфатиме дека планетата не му припаѓа само на човекот. Има милијарди, трилиони други живи суштества кои живеат со нас и страдаат заради нашите постапки. Драги луѓе, чувајте ја планетата заради наше добро и доброто на другите. Мора да се стремиме да најдеме одржливи начини да живееме во хармонија со природата и сиот жив свет, бидејќи Земјата ни е единствениот дом кој го имаме.

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче