Тајната на Мартин

 


Мартин беше многу необично дете. Додуша, ако сум попрецизен, тој беше многу обично дете со една многу необична моќ. Или подобро да кажам - поседуваше една магична моќ што не сум слушнал дека ја поседува дури ни некој од стрип-јунаците на Марвел.

Но, да одиме по ред. Како и секој седмоодделенец, Мартин по ништо не се разликуваше од своите врсници: одеше на училиште, нерадо пишуваше домашни задачи, играше кошарка со другарите, не се одвојуваше од мобилниот телефон, негодуваше кога треба навечер да си легне... итн. Имаше густа костенлива коса, крупни костенливи очи и просечна висина. Мама често му велеше дека пегите на лицето му се преслатки, а тета му ја бушавеше косата нарекувајќи ја дива Амазонска Прашума (не се потстрижуваше редовно затоа што мразеше да оди на бербер). Но добро, на мајките и на тетките им е дозволено да претеруваат кога се работи за нивните деца и внуци.

Значи, Мартин беше сосема обично момче, освен што поседуваше една многу необична моќ: можеше да се пренесува во книгите што ги чита. Отвораше книга, почнуваше да чита и светот околу него одеднаш почнуваше да се трансформира. Ни самиот не знаеше кога и како се случува оваа промена, само сфаќаше дека се наоѓа во друг, паралелен свет, кој нема никаква врска со вистинскиот свет во којшто живее. Да биде уште почудно, тој не исчезнуваше, туку како времето одеднаш да запираше и тој едноставно постоеше и ваму и таму... Ни самиот не умееше да објасни што точно му се случува.

Како и да е, благодарение на оваа волшебна моќ Мартин можеше да оди секаде низ светот и да патува низ времето, во минатото или во иднината. Па така, се искачувал на Монт Еверест со најхрабрите алпинисти, го бркале вампири низ Лондон, бил астронаут на непозната планета, бегал од огромни метални чудовишта кои сакале да ја уништат планетата Земја... Секоја книга што ја читаше го носеше во времето и на местото што е опишано во дејството на книгата.

Сето тоа почна откако скришно прочита една дебела книга со тврди темнозелени корици, за која мама и тато строго му рекоа никако да не ја допира. Поточно, не му рекоа, туку изречно му забранија. А знаеме дека забранетото е најслатко, па него толку го копкаше таинствената книга, што не се смири додека не ја дофати и ја прочита најбрзо што можеше. Првпат нурна во фантастичниот свет на една книга токму таму, во светот на таа книга, во којашто се среќаваат сите читатели кои во исто време ја читаат истата книга, каде и да се наоѓаат. Оваа идеја едноставно го воодушеви. По таа книга почнаа неговите неверојатни авантури во световите на книгите.

Оваа негова тајна не ја кажа никому, дури ни на тета - која му беше повеќе другарка отколку тетка, па со неа споделуваше многу тајни, освен, се разбира, тајните што му ги доверуваа неговите другари. Велам тајна, затоа што тој не сакаше да ја нарекува моќ. Се убедуваше себеси дека заспива додека чита, па всушност сонува, затоа што такви работи се случуваат само во филмовите, а тој не живееше во филм, туку во најобична зграда, во најобична населба во Скопје.

Неговите пријатели знаеја дека Мартин многу сака да чита, па за роденден обично му подаруваа книги. Еднаш другарка му Тања, сакајќи да се пошегува со него, му подари книга за балерина. Мартин уште истата вечер почна да ја чита. Одеднаш се најде пред огромно балетско огледало правејќи пируети и толку лошо си го повреди глуждот што од болка со трескот ја затвори книгата и експресно се врати во реалноста. Откако малку се созема, кривејќи со ногата ја стави опасната книга на највисоката полица во домот за да не може да ја дофати дури ни кога ќе порасне. Дотогаш не знаеше дека ако се повреди во светот на книгата, ќе го боли и во реалниот свет.

★★★★★★★ 

Оттогаш помина многу време... Денес Мартин е возрасен и е татко на една ќерка седмоодделенка. Тој повеќе не патува низ книжевните светови. Не се сеќава кога точно ја изгуби оваа моќ, веројатно во периодот кога му заврши детството. Но љубовта кон читањето не го напушти, па така тој стана писател и професор по книжевност на Филолошкиот факултет. Неговите студенти го препознаваат по секогаш бушавата и неуредна коса, а го сакаат заради приказните од детството кои им ги раскажува со замислени и насмеани очи.

Еден ден Мартин се врати од работа и ќерка му, која исто како него сакаше да чита, ја затекна задлабочена во една книга во нејзината соба. Од далеку ги препозна темнозелените корици на книгата. Кратко размислуваше што да направи, и - спротивно на реакцијата на неговите родители - тивко ја затвори вратата и на прсти се врати во дневната соба. Го остави девојчето да ужива во нејзините патувања низ фантастичните светови на книгите. Сега беше нејзин ред.

 

P.S. Сите читатели кои се љубопитни за која книга се работи, можат да ми пратат порака да им го кажам насловот. Ви ветувам дека не е измислена 😉

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче