Вештини важни за тинејџерите
Да се биде тинејџер е многу лесно. Или барем така мислат возрасните. Ја имаме слободата како да сме деца, но и училишни и вонучилишни обврски кои ни исполнуваат голем дел во денот како да сме возрасни. Вистината е дека не сме ниту деца, ниту возрасни, туку нешто помеѓу. Сè уште учиме како да бидеме „големи“ и ни треба помош во многу работи. Ова се некои од вештините кои се важни за нашиот правилен развој:
- Чистота и лична хигиена. Чистотата е едно од основните правила на хигиената. Нашата работна и животна средина секогаш треба да бидат уредни и чисти. Одржувањето лична хигиена, да знаеме како да го исчистиме домот и да го одржуваме наместен и среден се основните работи што треба да ги знаеме.
- Вештини поврзани со храната и готвењето. Набавка на продукти, готвење поедноставни јадења, користење на кујнските апарати, разликување на здравите од нездравите намирници, се само некои од примарните животни вештини за тинејџерите.
- Управување со времето. Со добри организациски вештини можеме успешно да го испланираме денот, да стекнеме работни навики и да бидеме ефективни. Овде многу помага да направиме распоред на активности и да се придржуваме до него, да правиме разлика помеѓу важни и итни работи, и одговорно да го користиме времето.
- Управување со парите. Парите не се најважната работа во животот, но се од витално значење за удобен живот. Финансиската дисциплина е важна вештина што треба да ја научиме уште на тинејџерска возраст. Умешноста за буџетирање ни помага да ја научиме вредноста на парите, свесно да трошиме, да знаеме да штедиме и да планираме за иднината.
- Ефективно менаџирање на стресот. Стресот е составен дел од животот, но добро е да знаеме дека има начини за успешно справување со него. Некои од нив вклучуваат: доволно спиење, дружење и забава, здрава исхрана, физичка активност и спортување, организација и планирање на времето, пишување дневник, зборување за стресните ситуации со родителите или друг возрасен од доверба и друго.
- Преземање одговорност за своите постапки. Преземањето одговорност подразбира правење разлика помеѓу тоа што е исправно, а што погрешно, што е добро, а што лошо и прифаќање на последиците од своите постапки. Тоа е единствен начин да се изгради добар карактер.
- Позитивен систем на вредности. Зависно од вредностите кои се негуваат во семејството, тинејџерите може да добиваат незаслужени работи, кои не ги заработиле со личен труд, но тоа е одлика на лабави морални и етички вредности. Само заслужената награда од нас ќе направи подобри, поуспешни и луѓе вредни за почит. Други позитивни вредности кон кои треба да тежнееме се: личен интегритет, искреност кон себе и со другите, чесност, одговорност за сопственото здравје, грижа за другите итн.
- Социјален живот и манири. Социјалните вештини за тинејџери вклучуваат: развивање и одржување пријателства, здрави семејни односи, вреднување на односите и луѓето во нашиот живот, почитување на другите и нивните ставови (и тогаш кога се разликуваат од нашите), негување хобија и рекреативни активности како можност за запознавање истомисленици, културно и учтиво комуницирање, активно слушање, емпатија и друго.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3