Меѓународен ден на литературата за деца
Од 1967 г. па сè до денес, секоја година втори април се прославува како Меѓународен ден на книгите за деца. Овој датум е избран затоа што е роденден на познатиот дански писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, автор на добро познатите бајки „Принцезата на зрно грашок“, „Грдото пајче“, „Малата сирена“ и многу други.
Целта на овој празник е да се поттикне и всади љубов кон читањето кај децата и младите и да се нагласи важноста на книгите. Меѓународниот одбор за книжевност за деца секоја година избира една држава која го спонзорира настанот и ја дефинира темата која го промовира читањето. Оваа година организатор на настанот е Канада, а темата е „Книгите се крилја што ти помагаат да леташ секој ден“, која испраќа порака дека книгите имаат моќ да ја активираат фантазијата, да ги прошират детските хоризонти и да изградат разбирање.
Ширум светот на овој ден се организираат најразлични активности кои ги поврзуваат децата и книгите. Некои од нив се: посета на библиотека, драматизација на одредени текстови во училиштата, одржување работилници за читање и креативно пишување, дискусии за некој писател и неговите дела, донирање книги во училиштата и библиотеките за што повеќе да се доближи книгата до младите читатели и да се поттикнат повеќе да читаат и други слични настани.
„Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе бајки.“ – Алберт Ајнштајн
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3