Празник на книгата
Љубителите на читањето ширум светот денеска го слават Светскиот ден на книгата, 23 Април. За време на пандемијата многу држави беа затворени, движењето и дружењето на луѓето беше ограничено, па тие се свртеа кон докажаниот пријател на секој човек, книгата. Книгите станаа средство за полесно справување со долготрајната изолација, за надминување на осаменоста, за стимулирање на креативноста и за проширување на нашите хоризонти.
Светскиот ден на книгата е востановен од УНЕСКО на 23 април 1995 година, со цел да се промовира читањето кај децата и кај возрасните, и да се нагласи важноста на читањето за развојот на интелигенцијата и креативноста. Оваа година УНЕСКО објави предизвик во кој се повикуваат сите читатели да направат фотографија од себе или околината со насловните корици на некоја книга, но така што корицата ќе се вклопува т.е. ќе се спои со реалноста.
Последната книга што ја прочитав јас е „Повик на дивината“ од Џек Лондон, а моментално ја читам „Тим Талер или продадената смеа“ од германскиот писател Џејмс Крис. Во книгата се работи за сиромашното момче Тим кое ја продава својата прекрасна ѕвонлива смеа на мистериозен човек, во замена за способноста да добива пари на облози. Подоцна, Тим горко се кае за оваа одлука.
Која книга последна ја прочитавте вие и што читате во моментов? 😃
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3