Април - месец посветен на аутизмот
Светскиот ден на аутизмот ја нагласува важноста да им се помогне на лицата со аутизам да водат подобар, поквалитетен и исполнет живот, како неразделив дел од општеството и заедницата. Генералното собрание на ООН пред 15 години го прогласило 2 Април за Светски ден на свесноста за аутизмот.
Аутистичниот спектар на нарушување или аутизам, е комплексна состојба која вклучува проблеми во комуникацијата и однесувањето. Аутизмот се смета за доживотно нарушување кое почнува во раното детство и може да има полесни симптоми или пак потешки, кога на поединецот му е потребна постојана нега и специјализирани установи кои соодветно ќе го згрижат.
Целиот месец април е посветен на активности кои го зголемуваат разбирањето и прифаќањето на лицата со аутизам. Оваа година здруженијата на лицата со аутизам од целиот свет организираат настани кои се посветени на создавање свет во кој сите лица што се во аутистичниот спектар на нарушување ќе можат максимално да го достигнат својот потенцијал.
Сите поддржувачи на оваа кауза можат да се вклучат во кампањата преку различни активности, како што се: споделување на приказните на лицата кои се во аутистичниот спектар или споделување на својата лична приказна; да ги поканат колегите, пријателите или соучениците да се придружат на кампањата; да охрабрат прифаќање, разбирање и инклузија така што ќе бидат секојдневно љубезни во училиште, на работа и во својата заедница.
Мотото за оваа година гласи „Инклузивно и квалитетно образование за сите“.
Кај нас Светскиот ден на аутизмот ќе биде одбележан со неколку настани и активности во организација на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет”. Во Зоолошката градина – Скопје ќе се одржат едукативни и забавни активности за поддршка на лицата со аутизам, а Кинотеката организира настан наречен „Дружење, дружење и само дружење“, во чии рамки ќе се прикаже филмот „Стела“.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3