Моето детство
Сончевите зраци мрзеливо ги протегаа своите позлатени прсти наоколу. Дел од нив ја допреа и ја погалија мојата детска глава. Се разбудив и ги погледнав на наткасната. Тука беше ставена во рамка моја слика на која имам четири години. Мало слатко девојче со светлозелени очи и со румени обравчиња гледаше во мене... Се сетив на моето детство. Велат најубавиот период од животот е детството. Период во кој добиваме љубов од сите околу нас. Од мама, баба, дедо, тато. Полека, но сигурно ги правев првите детски чекори опкружена со љубов од сите. Поради поширокото семејство јас прозборев многу мала уште на шест месеци. Се сеќавам на нивните воодушевени лица кога им ги кажував првите песнички од градинка. А пак, колкава гордост имаше на лицата на моите родители кога тргнав на училиште. Но, ми годеше и уште ми годи таа необична љубов која ми ја пружаат сите. Се трудам да ги почитувам сите. Полека, но сигурно ќе го минеме мостот на детството и ќе минеме во светот на возрасните. Прекрасно е моето детство, моето детство е безгрижно. И секое дете има право на такво детство. На љубов, грижа, мир и спокој... Секако сонцето сè уште продолжуваше да се бори со облачињата, а јас отидов да ѝ помогнам на мама со доручекот, затоа што иако сум дете, сепак не сум толку мала!
Автор: Јована Србиноска VII-1
Уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3