Една моја авантура

 


Ах, авантура... Толку сме зафатени секојдневно, што не размислуваме колку може животот да биде убав и забавен, а не само исполнет со работа и стрес. Понекогаш и само една авантура може да ни ја разбие монотонијата и да ни помогне, и јас имам една совршена да споделам со вас.

Кога бев трета година средно училиште, со родителите решивме за време на зимскиот распуст да организираме двонеделно патување во Клондајк, Канада. Бев многу возбуден, бидејќи уште од кога знам за себе сакав да посетам некоја од студените земји. Живееме во Аризона, САД, па многу ретко имаме прилика да му се радуваме на снегот.

Утрото на 17 јануари 1897 година со воз тргнавме кон Клондајк. Патувавме два дена, но Златната треска беше во полн ек и најголемиот број патници беа трагачи на злато, па во нивно друштво патувањето беше многу интересно. Во Клондајк пристигнавме во самата зора околу 6 часот. Температурата беше толку ниска што и на мразот му студеше. Ми се чини беше -33 степени Целзиусови. Среќа имав спакувано многу дебела облека, па бев слоевито наоблечен. 

Престојувавме во една колиба во близина на шумата, која ја делевме со уште тројца трагачи по злато, Џек, Карл и Марк. Тие беа многу весели и дружељубиви. Кога се сместивме ни направија топол чај и детално ни го опишаа нивниот план за да заработат пари. Ми беше необично тоа што Џек повеќе помагаше отколку што работеше, па затоа јас се понудив да работам со Карл и со Марк. И онака веќе го разгледавме градот, па зошто би се лишувал од едно ново искуство. Во градот пак, немаше многу што да се види освен хотели, крчми и пансиони за сместување на трагачите. 

Првите два дена ми требаше малку време да се снајдам и привикнам, но потоа сфатив во што е трикот и ми одеше многу полесно. Моја задача беше да ја филтрирам и пресејувам земјата што ќе ја ископаат Карл и Марк. Џек се врткаше околу нас, ни подаваше алатки, правеше сендвичи, вареше кафе и чај и ја разгледуваше околината. Одевме по долината на реката Јукон и обично работевме до самрак, што беше околу 18 часот. Бевме изморени, но тие убаво ќе ме нагостеа и ќе ми дадеа по некоја златна трошка за помошта. Секоја вечер пред да си легнеме ѝ се восхитувавме на поларната светлина. 

Осмиот ден моите родители ми дозволија со рударите да одиме во Енкориџ, Аљаска, препоставувам за да го продадат ископаното злато. Се покажа дека и моите трошки имаат вредност што не е за занемарување, што многу ме израдува. Малку прошетавме низ градот и низ прекрасната природа на Аљаска. Тој ден ми помина најбрзо, зашто едвај чекав да се вратам и да им покажам на моите родители колку сум заработил.

Следните неколку дена помалку работевме, а повеќе време ја разгледувавме околината и уживавме во зимскиот пејзаж. Во овие прошетки најмногу ми правеше друштво Џек, за кој открив дека е одличен раскажувач на приказни. Така дојде и последниот ден кога се спакувавме за патување назад. Со трагачите од нашата колиба сакавме да останеме во контакт и кога разменувавме адреси видов дека не сум го запишал презимето на Џек. Го прашав како се презива, а тој ми одговори: Лондон. Џек Лондон. Се вративме дома во топлата Аризона и животот си продолжи по вообичаениот тек. Одвреме-навреме се допишував со моите нови пријатели.

Поминаа неколку години. Ми се чини беше 1903 г. кога во една продавница нешто ми го привлече вниманието. Тоа беше книгата „Повикот на дивината“ од Џек Лондон. На задната корица го препознав ликот на мојот пријател – трагач по злато. Тогаш ги поврзав сите коцки од тоа патување. Тој, всушност, таму ја пишувал книгата. Во тој момент почувствував гордост дека можеби и јас сум му дал инспирација за некои делови. Не се сретнавме никогаш повторно. Оваа авантура ми помогна да го сфатам тоа што го напишав на почетокот: животот не е само работа и стрес, туку и многу возбуда, радости и нови пријателства.

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче