Првоаприлските шеги низ историјата
Никој точно не знае од кога и зошто се слави Први април. Според едни историчари оваа традиција започнала во XVI век кога Франција преминала од јулијанскиот на грегоријанскиот календар. Тогаш почетокот на новата година се преместил од први април на први јануари, но во тоа време информациите бавно стигнувале до руралните места, па многу луѓе не знаеле за оваа промена. Тие продолжиле да слават Нова година на први април и поради тоа станале мета на шеги и трикови.
Други историчари оваа шеговита традиција ја поврзуваат со античките европски пролетни фестивали, кога луѓето се маскирале со интересна облека и се лажеле едни со други. Со ширењето на празникот од Европа кон двете Америки првоаприлските шегувања станале редовен пролетен ритуал. Како што поминувало времето и се појавувале повеќе пишани, а подоцна и електронски медиуми, овој празник на шегата станувал сè повеќе популарен.
Прочитајте некои од најоригиналните и најуспешните првоаприлски измами кои ги забележала историјата:
- Првата запишана првоаприлска шега датира од 1698 година, кога во Лондон било објавено соопштение дека во познатата Кула на Лондон ќе се одржи годишната церемонија на бањање на лавовите. Такво нешто, се разбира, не постоело, но лековерните луѓе масовно се појавиле пред Кулата да присуствуваат на настанот и продолжиле со години потоа на истиот ден да одат на истото место, мислејќи дека ќе видат како се бањаат лавови.
- Во 1708 година писателот Џонатан Свифт решил јавно да го дискредитира лажниот астролог Џон Партриџ, кој во алманахот што го издавал на луѓето им продавал измислени предвидувања за иднината. Така, Свифт во дневниот печат објавил дека Партриџ за неколку дена ќе умре од треска. Кога го прочитал ова Партриџ бил бесен и меѓу нив почнала неколкудневна јавна преписка. Луѓето биле збунети, но Свифт бил упорен со објавите дека Партриџ е мртов и дека пред смртта признал дека е измамник, така што на крај луѓето престанале да купуваат од него „предвидувања“, тој бил разоткриен како измамник и неговото списание пропаднало.
- Лондонските весници во 1749 година објавиле дека на први април театарот ќе одржи забавно шоу со трикови. Во еден од триковите било најавено дека човек ќе влезе во стандардно шише за вино и ќе пее додека е во него. Наводно, се работело за облог помеѓу двајца благородници, од кои едниот тврдел дека има многу будали луѓе што ќе поверуваат и ќе дојдат во театарот. На денот на претставата се покажало дека бил во право, бидејќи театарот бил полн до последното место и посетителите скапо ја платиле картата за да присуствуваат на шоуто. Но, не виделе ништо, бидејќи такво шоу не постоело и не дошол ниту еден изведувач.
- За најпозната првоаприлска шега се смета шегата на Британската телевизиска мрежа Би-би-си од 1957 година. ТВ куќата емитувала прилог за „исклучително плодната жетва на шпагети“ таа година, во областа Тичино во јужна Швајцарија. Прилогот бил проследен со видео кое прикажува луѓе како собираат „домашно одгледани“ шпагети од дрвја и грмушки и потоа ги јадат со доматен сос. Многу гледачи наседнале на овој трик, па ја преплавиле телевизијата со прашања како можат и тие во своите дворови да насадат дрвја и грмушки од кои ќе растат шпагети.😃
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3