Нашите мајки

 

Не знам дали сте забележале дека мајките се многу чудна сорта. Ќе ја земам мајка ми за пример, (бидејќи со други мајки немам искуство). Иако сум од неа повисок една глава и нозете ми се многу подолги од нејзините, таа знае да ме седне во скут, да ме стутка во клопче како кога бев малечок и целиот да ме опфати со нејзините тенки раце. Како мало дете ме гали по главата и ми ја душка косата. Да, ме седнува в скут иако сум толкаво магаре и немојте да ми се смеете, бидејќи не можам да се одбранам, посилна е од мене. Ја прашувам: Што толку ме мирисаш? Коса како коса, мириса на сапун, а таа мистериозно се смешка и вели: Ќе дознаеш кога ќе имаш свои деца.

Чудна сорта се мајките, ви велам... Како измислуваат свои зборови за обични делови од телото. Мојата коса, на пример, е крзно, образите ми се памукчиња, носот – копче, а очите - костени. Да не ги набројувам, пак, сите прекари што ми ги дала за овие 14 години, ќе треба да пишувам до утре.

Во рацете на мајка ми моето тело одеднаш може да стане палачинка. Таа е толку силна што може да ме легне на под, да ме завитка во ќебе и да ме тркала натаму-наваму по подот баш како палачинка. Не можам да мрднам ни со најмалиот прст, иако сум цела глава повисок од неа и цели 10 кг потежок и се бранам со сета сила. Кога ќе ме зграпчи мавтам и со раце и со нозе за да се ослободам, па дури и татко ми го викам на помош, но нејзините раце се како клешти: чим те дофатат – крај, нема спас тука.

А таа е толку нежна женичка, навистина не знам каде ја наоѓа таа сила. Но, кога се шегувам со неа дека е стара и ја нарекувам бабо, ја свиткува десната рака како билдер и ми го покажува топчето што како ритче се извишува на нејзиниот мускул. Или пак ме прашува дали сакам да се тркаме, а јас велам Не, затоа што знам дека е побрза од мене, безброј пати ме претркала. Тогаш сфаќам дека треба уште многу лепче да изедам и уште многу сантиметри да пораснам, па дури ни тогаш не знам дали ќе бидам посилен од неа. Ја прашувам: Какооо? Како си толку силна? Таа само мистериозно се смешка и ми одговара: Ќе дознаеш кога ќе имаш свои деца.

Нешто ми вели дека и другите мајки се како мојата, го насетувам тоа по среќните и насмеани лица на моите другари. Иако често им се лутиме, особено сега во тинејџерските години, знаеме дека сè што прават е за наше добро. Тие се нашата постојана, видлива и невидлива, цврста потпора и поддршка. Болни или здрави, секогаш бдеат над нас. Мајките се срцето на нашиот дом.

Да си ги сакаме, чуваме и почитуваме нашите мајки, бидејќи никој никогаш нема да нè сака како што нè сакаат тие.

Да ја опишам мојата мајка би значело да пишувам за ураганот во неговата перфектна моќ.“ – Маја Ангелу

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче