Значењето на Меѓународниот ден на жените
Повеќе од еден век луѓето низ целиот свет го одбележуваат 8 Март како посебен ден за жените. Но, знаете ли зошто е тоа така, кога почнало, дали треба да се прославува или да се протестира на овој датум...?
Меѓународниот ден на жените произлегол од работничко движење и станал годишен настан признат од ООН. Најраните почетоци се бележат во 1908 г. кога 15000 жени во Њујорк организирале протестен марш со барања за пократко работно време, подобра плата и право на глас. Една година подоцна Социјалистичката партија на САД го прогласила првиот Национален ден на жените.
Комунистичката револуционерка и активистка за правата на жените Клара Цеткин предложила основање на Меѓународен ден на жените. Идејата ја изнела на Меѓународната конференција на жените-работнички во Копенхаген, Данска, во 1910 година. Предлогот едногласно го усвоиле сите присутни од 17 држави.
На почетокот оваа идеја немала конкретен датум, сè до 1917 г. Тогаш на 8 март Русинките организирале воен штрајк во кој барале „леб и мир“ и крај на Првата светска војна. Четири дена подоцна рускиот цар Николај II абдицирал и новата привремена влада им го признала на жените правото на глас. Така 8 Март станал датум за одбележување на Меѓународниот ден на жените.
Овој ден првпат е одбележан 1911 г. во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска. ООН официјално почнале да го одбележуваат во 1975 г. Меѓународниот ден на жените станал прилика за прослава на напредокот на жените во општеството, политиката и економијата, а политичкиот аспект на денот се гледа како можност за организирање на штрајкови и протести за да се подигне свеста за континуираната нееднаквост на жените.
На 8 Март многу организации и движења ширум светот одржуваат различни активности, предавања, говори, маршеви, протести, штрајкови, собири, конференции и слично, со цел унапредување на женските права и промовирање на еднакви можности.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3