Мојата солидарност израдува многу лица
Добар ден.
Дали знаете што е солидарност?
Солидарност е кога ќе помагаш на некој, но нема да очекуваш тој тоа да ти го возврати. Сега ќе ви опишам една случка кога јас бев солидарен.
Еден ден враќајќи се од училиште, така замислен и истовремено изморен едвај чекајќи да стигнам дома, по патеката здогледав една стара жена која носеше тешки ќеси. Иако бев изморен решив да ѝ помогнам.
Ѝ пријдов, љубезно ја поздравив и ѝ ја понудив мојата помош. Таа прифати да ѝ помогнам, бидејќи беше прилично натоварена со намирниците кои ги купила. На изразот на нејзиното лице забележав дека таа беше изненадена. Благо се насмевнав, земав дел од ќесите, нешто ставив и во мојот ранец и продолживме заедно да чекориме. Додека одевме кон нејзината куќа таа со зачуден глас ме праша:
- Момче, зошто ми помагаш?
Тогаш на моето лице се појави повторно онаа блага насмевка, чувство на задоволство, сила... па одговорив:
- Бидејќи сметам дека тоа е хумано. Не е убаво да гледаш некој што не може нешто, а ти можеш и не помогаш.
Одејќи кон домот на госпоѓата полека но сигурно, поразговаравме за училиштето, хуманоста, каде ги учиме вредностите кои се важни во животот. Таа ми раскажа дека нејзините внучиња се заминати со семејствата во странство и дека таа мора сама да ги поминува пензионерските денови. Кога го слушнав ова искрено се растажив.
Кога пристигнавме кај неа дома ѝ ги дадов ќесите кои ги носев со цел да ѝ помогнам. А, пак таа видно возбудена, изненадена, среќна со растреперен глас ми кажа да почекам. Влезе во нејзиниот дом и набрзина повторно излезе. Во раката носеше нешто и ми рече:
- Повели синко, мало внимание кое го заслужи. И продолжи да бидеш хуман.
Се насмевнав, се заблагодарив и заминав.
Одејќи кон мојот дом си размислував и морам да признаам дека бев изненаден, но и благодарен на госпоѓата. Во душата чувствував и некоја тага поради приказната која ми ја раскажа, но си ветив дека секогаш кога ќе бидам во можност ќе помагам на оние помалку моќните од мене.
И за крај сакам само едно да кажам, доброто со добро се враќа другарчиња. Измамете насмевка на лицата на повозрасните, тоа ќе ви значи и на вас но и на нив.
Автор: Марко Величковски V-1
Уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3