Писмо до моето посебно другарче
Драг Давид
Одамна не сме виделе. Откако со семејството се преселивте во друга држава, нашите контакти се проретчија. Разбирливо, со новата средина доаѓаат и нови предизвици. Ти пишувам, затоа што сакам да ти кажам дека неодамна дојдов до едно откритие. Се сеќаваш на нашата прва средба? Две уплашени дечиња што расплакани се кријат зад мајките пред вратата на градинката и кришум љубопитно се погледнуваат. Тогаш не знаевме дека таа врата ќе ни отвори и големо пријателство.
Бевме соседи и нашите мајки секојдневно нè носеа на прошетки во парковите низ населбата. Тие нешто си шепкаа меѓу себе и не ни дозволуваа да трчаме, да се бркаме, да скокаме... а ние им се лутевме. Многу често гледав модринки по твоите раце и нозе, се прашував од што ти се, ја прашував и мајка ми, но таа велеше дека сум многу мал за да разберам. Како поминуваше времето, како растевме, децата надвор почнаа за тебе да зборуваат дека си посебен, дека имаш некоја ретка болест, но јас, освен повремените модринки не гледав никаква болест, ништо што те прави различен од другите.
Па, ние двајца бевме речиси исти. Имавме исти желби и замисли, исти палавости правевме. Соседите на шега за нас велеа „Еве ги петок и сабота“, бидејќи бевме неразделни. И двајцата сакавме сладолед од јагоди, и на двајцата омилена ни беше лизгалката на игралиштето, и двајцата носевме очила до шесто одделение, и двајцата игравме кошарка, и двајцата се мрштевме кога ќе нè прибереа дома за ручек, и двајцата бевме бељаџии, па им ѕвоневме на вратите на соседите и бегавме за да не нè видат... Дури и во исто време се заљубивме.
Јас ти чував „стража“ една вечер кога ти со црвен и зелен спреј црташе графит од задната страна на нашата зграда, за да се гледа од улицата. Со големи и убави букви во форма на цветови напиша „Јас ја сакам Марина“. Тој графит е вистинско уметничко дело. Само ти умееш буква да претвориш во цвет.
Кога бев доволно голем за да разберам, родителите ми кажаа дека боледуваш од ретка форма на хемофилија и дека заради тоа ти се прават модринки по телото и мораш многу да внимаваш да не се повредиш. Ми стана јасно зошто скришно трчавме, скришно се качувавме по дрвја, скришно се лизгавме на лизгалката. Сега дури сфаќам колку сме имале среќа што во тие наши палавости ти ниту еднаш не се повреди. Немаше да можам да ја поднесам помислата дека јас сум придонел за твоето страдање. Ти се восхитувам на волјата и храброста со таква (за мене страшна) болест, да го живееш животот без ограничувања и со полни гради.
Давид, не сум многу постар отколку што бев кога дознав од што боледуваш, но сум доволно голем за да разберам зошто за тебе велеа дека си редок и посебен. Тоа е затоа што ти секогаш ќе бидеш еден од ретките кои засекогаш ќе имаат посебно место во моето срце и тоа те прави најпосебен од сите мои другари.
Се надевам дека си добро, дека се чуваш, и дека во новиот дом имаш другар со кој скришно правиш бељи и кој ги чува твоите тајни како што ги чував јас. А најмногу од сè се надевам дека ќе дојде ден кога повторно ќе се видиме и ќе ја обновиме нашата дружба.
Во очекување на твоето писмо, срдечно те поздравувам
Твојот другар Алексеј
Расказот е напишан за кампањата за поддршка на лицата со ретки болести „Light up for rare“, Ги запознаваме ретките болести, под мотото „Ретко е да си редок“.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3