Работилница за анксиозност и депресија
На денешната седница на Ученичкиот парламент една од точките на дневниот ред беше одржување на работилница на тема „Aнксиозност, анксиозни нарушувања и депресивно растројство“. На работилницата учествуваа претседателите на одделенските заедници, а ја водеше психологот во нашето училиште Марина Пазаркоска.
Taa нè запозна со психичките состојби анксиозност и депресија, ни укажа како да ги препознаеме симптомите за нив и како да ги разликуваме од минлива тага, моментална вознемиреност и стрес. Учениците споделуваа свои мислења и чувства во врска со темата.
На крајот од работилницата направивме една интересна и корисна вежба наречена „Инсталација на безбедно место“, во која учениците требаше да замислат место или ситуација во кои се чувствувале безбедно, заштитено, среќно и опуштено. Целта на вежбата е да ги „повикаме“ овие позитивни мисли и емоции за да ја намалиме вознемиреноста секогаш кога ќе се најдеме во некоја стресна ситуација. Вежбата може да се практикува секаде и секогаш кога ќе имаме потреба да се смириме од некој стресен настан или едноставно за да се релаксираме.
Презентацијата е многу темелна, информативна, разбирлива за сите ученици, и изобилува со совети и техники за справување со анксиозноста.
Презентацијата ја изработи психологот Марина Пазаркоска
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3