На часот по македонски јазик
Денес е 21 Февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик, кој се слави со цел да ја подигне свесноста за важноста на јазикот, културните разлики и мултијазичноста во светот. За мене мајчин јазик е јазикот на кој зборуваат моите родители и моите предци, јазикот на кој и јас сум ги изговорил првите зборови, а тоа е македонскиот јазик. Најважниот предмет кој го учиме во училиште е токму предметот македонски јазик, бидејќи тој е основата без која не можеме да изучуваме ниту еден друг предмет и без која нема воопшто ниту да научиме да читаме.
На овие часови го изучуваме и обработуваме јазикот од повеќе негови аспекти: учиме за неговата историја, морфологија, синтакса, правопис, фонетика, а речникот го збогатуваме со читање и обработка на литературни дела напишани или преведени на македонски јазик. Понекогаш учиме класично преку предавање, а понекогаш креативно низ игра, забава, квизови, презентации и едукативни видеа. Исто така, пишуваме состави и есеи во кои ги применуваме нашите знаења за јазикот и ја користиме нашата имагинација.
Меѓутоа, часовите по македонски јазик не служат само за да нè описменат. Како што вели еден од најзначајните македонски преродбеници Крсте Петков Мисирков, „Јазикот е средство со кое ние дознаваме што сака, што мисли и што чувствува нашиот соговорник“. Односно, ние преку јазикот учиме да комуницираме, учиме како правилно да изразиме став, мислење и емоција. Потоа, читајќи литература од македонски автори учиме за историјата, културата и традициите на нашиот народ. Со изучување на правилата во македонскиот јазик и читање книги културно се развиваме и го збогатуваме нашиот речник, што повторно, ни овозможува подобро да се изразиме и да бидеме разбрани.
Треба да бидеме многу внимателни на часовите по македонски јазик, бидејќи јазикот е нашето најголемо богатство, нашиот идентитет и наследство кое ни го оставиле нашите предци да го чуваме и негуваме. Зборувањето на мајчин јазик и пишувањето на кирилско писмо значи сакање и почитување на својата татковина.
„Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ – Блаже Конески
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3