Ноќта кога се роди Дане Крапчев

 

Сè уште не беше убаво зазорено и сите во куќата спиеја, кога бремената Теодора нежно го допре сопругот Јован по рамото, за да не го уплаши: Време е – тивко му рече, плашејќи се да не ги разбуди децата кои спиеја во собата. Јован знаеше што значи тоа: на свет доаѓа нивното шесто дете. Со возбудена насмевка отидоа во другата соба и ги направија сите потребни подготовки. Бебето се роди тивко, без многу да ја измачи мајка му, како да знаеше дека шести пат раѓа и сакаше да ја поштеди од маките. Татко му гордо го крена во рацете и му го даде името Дамјан, кое значи скротител и победник.

Дамјан се роди на преминот помеѓу ноќта и утрото, на 2 февруари 1912 година. Уште од детството како да беше предодреден за големи нешта. И покрај честите селидби заради работата на татко му, Дане вредно учеше, сонуваше да заврши правен факултет и да спортува, но сиромаштијата го принуди да се вработи и да продолжи вонредно да студира.

Во душата на Дане се собираше гнев заради лошите услови во кои живееше неговата татковина. Се дружеше со младинци на кои им раскажуваше за посебноста на македонскиот народ и ги задојуваше со револуционерен дух. Заради тоа другарите му го дадоа прекарот Стари, бидејќи беше момче кое животот предвреме го порасна и созреа. Во себе носеше мудрост на старец, која дарежливо ја споделуваше со неговите пријатели.

Сакајќи да придонесе за слободата на својот народ, Дане прво се приклучи на Сојузот на комунистичката младина на Југославија, а потоа и на КПЈ, каде што активно работеше на своите идеи. Во 1941 година стана партизан и политички комесар на Првиот скопски партизански одред. Дане претставуваше голема инспирација за своите соборци, бидејќи беше решен дека Македонија ќе победи и тој ќе ја види својата татковина слободна – токму како што му беше предодредено со името кое му го даде татко му кога се роди.

Но, судбината сакала Дамјан Крапчев предвреме да го заврши својот живот. Дане загина на 24 мај на прекрасната планина Плачковица, во јуриш против бугарскиот фашистички окупатор. Сето свое срце, душа и снага ги даде за својата татковина. И како што доби име со силна симболика, така и загина на планина која со своето име симболизира плач. За Дане тагуваа сите негови другари и соборци, беше омилен во неговата чета. Плачеа од тага затоа што изгубија храбар борец и партизан, и истовремено плачеа од среќа затоа што познаваа еден толку голем и великодушен човек.

Нашето училиште гордо го носи името на овој наш херој и секоја година достоинствено му оддава чест на неговиот роденден. Генерациите што доаѓаат по нас треба да научат и да запомнат дека Дане се издигна од сиромаштијата и ропството за вечно да биде пример за тоа како се сака својата татковина. Неговиот неуморен револуционерен дух живее во секој ученик на нашето училиште.

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче