Една страница од мојот дневник


 

26.12.2021, недела

Драг дневнику

Изминативе два дена немав многу време за пишување, бидејќи, погодуваш – бев постојано излезен. Снегот што паѓа веќе трет ден го покри целиот град и надвор е толку чисто, бело, сјајно... како во бајка. Завршив со сите училишни обврски и имам повеќе време да бидам со моите другари.

Ова е последниот викенд од оваа календарска година и почнува да ме обзема возбуда од претстојното славење. Од сите празници, Новата година најмногу ја сакам. Градот е украсен, луѓето се весели, расположени и сите сме во исчекување на зимскиот распуст и јануарските празници. Оваа година имам уште две причини повеќе да бидам радосен. Со другарите се договоривме новогодишната ноќ да ја поминеме кај Бојан. Родителите на сите пет другари ни дозволија и сега со нетрпение чекам да дојде 31 декември.

Втората причина е можеби уште поубава. Денес ја видов неа. Вечерва дојде со најдобрата другарка (која е и моја другарка) кај нас пред зграда. Долгата црна коса ѝ се прелеваше на месечевата светлина и отсјајот од снегот. Беше многу слатка кога срамежливо ме погледна под шишките. Таа си мислеше дека нема да забележам, но јас видов. Образите ѝ се вцрвија кога другарка ѝ даде предлог во новогодишната ноќ да ги споиме нашите две друштва и по полноќ да се собереме сите заедно на едно место. Не требаше да нè убедува многу.

Нашата заедничка другарка ми раскажува дека таа ѝ зборува за мене, но јас ја замолчувам. Повеќе сакам кога не знам, кога само насетувам што мисли и што чувствува. Знам дека нејзе не ѝ кажува ништо за мене, затоа што јас не зборувам за неа. Себично си ја чувам во срцето само за себе. Не сакам никој да ми ги валка мислите и впечатоците.

Дневнику, сега одам да си легнам додека моите не виделе дека светлото во соба сè уште ми свети. Ќе ти пишам утре пак. Добра ноќ.

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3                                                                                         

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

Училишни спомени

Нашето ново катче

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров