Меѓународен ден на лицата со попреченост
Денес се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември. Националната кампања „Ставете нè на вашиот ѕид“ има цел да ја подигне јавната свест за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост во секој аспект од нивниот социјален, културен, економски и образовен живот. Кампањата генерално се однесува на „невидливите“ попречености, како што се аутизмот, хроничните болести, состојби на менталното здравје, сензорни оштетувања (на видот, слухот и говорот), нарушувања на спиењето, некои респираторни состојби, дијабетес и други. Сите овие состојби значително го намалуваат квалитетот на животот. Дополнително, овие лица се соочуваат и со предрасуди, наидуваат на неразбирање и негативни ставови од околината.
Според американската Асоцијација на невидливи попречености, невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која однадвор не е видлива, но сепак ги ограничува движењата, сетилата и активностите на личноста. За жал, самиот факт дека овие симптоми не се видливи за другите луѓе, може да доведе до недоразбирања, лажна перцепција и осуда од околината.
Нашето училиште, на иницијатива на учениците и со поддршка од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, изгради сензорна соба за децата со посебни образовни потреби, за да го поттикне и помогне нивниот психофизички развој. Иницијативата беше спроведена во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, со цел нашите другарчиња да имаат пријатна и безбедна средина во која ќе учат, ќе се дружат и ќе напредуваат.
Сите луѓе на светот ги имаат истите потреби и права да бидат сакани, прифатени и да припаѓаат некаде. Бидете љубезни со другите, никогаш не знаете кој каква внатрешна борба води.
Во продолжение погледнете ги плакатите кои ги изработи уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула во рамки на оваа кампања. Тој со јавноста ги сподели неговите дизајни кои се однесуваат на неколку состојби на невидлива попреченост: детски дијабетес, аутизам, дислексија и дисграфија, биполарно растројство, Даунов синдром и наглувост.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3