Во пресрет на Новата година
Годината се ближи кон својот крај и многу луѓе едвај чекаат да заврши пандемиската 2021 и да почне новата 2022, со надеж дека ќе биде подобра од претходната. Поради COVID-19, прославите изгледаат поинаку и ние се чувствуваме поинаку. Наместо да одиме на забави и да славиме со нашите роднини и пријатели, повеќето од нас ќе останат дома и ќе го прослават овој ден со семејството, за да го заштитат своето и здравјето на најблиските.
Прочитајте некои занимливости поврзани со славењето на Новата година:
1. Жителите на островската држава Кирибати, која се наоѓа во Тихиот Океан, се првите луѓе на планетата кои ќе ја пречекаат новата година, затоа што се наоѓаат во најраната временска зона. Последни тоа ќе го направат жителите на тихоокеанската држава Американска Самоа.
2. Името на месецот јануари потекнува од името на римскиот бог Јанус, кој има две лица – едно кое гледа напред и друго кое гледа кон назад.
3. Најчестите новогодишни резолуции на луѓето се: дека ќе почнат да штедат, ќе почнат да стануваат наутро порано, ќе ја намалат телесната тежина, ќе престанат да пушат, ќе почнат да спортуваат и дека ќе почнат поздраво да се хранат. Само 9% од луѓето успеваат да ги остварат овие ветувања до крајот на годината.
4. Славењето на новогодишната ноќ со огномет и жижици потекнува од Кинезите, кои веруваат дека буката ќе ги избрка лошите духови и ќе им донесе среќа.
5. Најраните новогодишни свечености датираат од пред 4000 години пред новата ера, кога луѓето од античкиот Вавилон ја славеле Новата година во март. Тие правеле веселба која траела 11 дена, за да ја пречекаат пролетта со надеж дека таа година сеидбата ќе им донесе богата и плодна жетва.
Новата година симболизира нови почетоци, нови можности и нова надеж дека ќе биде подобро и дека она што не сме успеале да го оствариме во старата, ќе го оствариме во годината што доаѓа.
Тимот на блогот Дружината на Дане Крапчев на сите читатели им посакува мирна и спокојна 2022 година, многу здравје, радост и безброј убави моменти поминати со најблиските.
Автор
и уредник:
Алексеј Стојановиќ IX-3