Цртеж
Ана и Бисера се другарки уште од градинка. Толку често се заедно, што нивните родители се навикнати да преспиваат една кај друга, па дури и тие самите, поради нив, почнаа меѓусебе да се дружат и станаа пријатели.
Двете другарки се надарени за цртање. На Бисера ѝ се чинеше дека Ана црта подобро од неа, но и двете често учествуваа на ликовни конкурси, а неретко добиваа и награди. Овој пат наставничката им кажа дека во тек е меѓународен ликовен конкурс на тема „Море“, а главната награда ќе биде патување во Италија.
Бисера по малку како да ѝ завидуваше на својата другарка на нејзиниот талент за цртање. Како маѓепсана гледаше како Ана црта, а ликовите под нејзиниот молив оживуваа и мислиш – сега ќе ти прозборат. Кога ќе завршеше некој цртеж, човек можеше да направи приказна од него, толку беа живописни нејзините цртежи. Цртите на лицата на луѓето беа толку детални, што можеа да раскажат цели истории за нивниот живот. Токму овој беше моментот кој недостасуваше во талентот на Бисера. Колку и да се трудеше, никогаш не успеваше да ги развие ликовите до степенот на кој тоа го правеше Ана.
Како и да е, двете другарки размислуваа, разговараа и одлучија што ќе цртаат: Ана ќе црта морска бура, а Бисера пејзаж на морско крајбрежје. И двете нацртаа прекрасни цртежи. Меѓутоа, Бисера не беше спокојна. Кога ќе го погледнеше цртежот на другарка си, можеше да ги слушне грмотевиците и плискањето на брановите, ја заслепуваа молњите од цртежот на Ана, а беше потполно несвесна за убавината и мирот кои зрачат од пејзажот на нејзиниот цртеж. Таа требаше да ѝ ги однесе цртежите на наставничката за време на големиот одмор и кога дојде до нејзиниот кабинет, одеднаш застана како хипнотизирана. Полека ги одлепи од задната страна ливчињата на кои беа напишани нивните лични податоци и ги замени: ливчето на Ана го залепи на својот цртеж, а своите податоци на цртежот на нејзината другарка. Знаеше дека тоа е погрешно и веќе почна да се предомислува, но во тој момент наставничката ја отвори вратата од кабинетот и кога ја виде, рече: „А, Бисера, одлично! Попладнево ќе ги испратам цртежите по пошта“. Ја пружи раката, Бисера ѝ ги подаде цртежите и истрча назад во училницата каде што имаше час. Немаше кога да ја исправи грешката и сега срцето ја печеше и чувствуваше страшен немир. Ја чувствуваше онаа бура од цртежот на Ана.
Утредента, иако знаеше дека е предоцна и дека цртежите се веќе испратени, сепак пред часот по ликовно отиде во кабинетот на наставничката да ја признае својата грешка. Оттаму излезе со црвени очи и со наведната глава. Ана ја прашуваше што ѝ е, зошто е нерасположена, но таа молчеше. Немаше храброст да ја погледне другарка си во очи. Наставничката на часот си беше вообичаено расположена и љубезна со сите, како ништо да не се случило.
Поминаа неколку месеци, кои на Бисера ѝ изгледаа како вечност, додека да излезат резултатите од конкурсот. Ѝ беше многу тешко да си биде онаа старата со својата другарка, но таа беше тука за неа и се трудеше да ја орасположи. Еден ден наставничката свечено му соопшти на одделението дека Ана добила една од наградите на конкурсот за нејзината ликовна творба „Морска бура“. Децата почнаа да аплаудираат, а Бисера беше вчудовидена. Што направила наставничката? Кога ги заменила имињата? Не знаеше, но ѝ беше бескрајно благодарна и искрено се радуваше за успехот на својата другарка. Ѝ честиташе од сè срце и силно ја прегрна.
По завршувањето на часовите двете другарки се враќаа заедно дома. На половина пат Бисера застана и со насолзени очи ѝ рече на другарка ѝ: „Ана, морам нешто да ти признаам“. Ана ја погледна и Бисера во очите ѝ прочита дека таа веќе знае сè. „Ништо не треба да ми признаеш“ - рече Ана, се насмевна и ѝ намигна. Бисера беше воодушевена од големината на својата другарка да ѝ прости такво предавство, а Ана беше воодушевена од храброста на Бисера да признае таков престап. Двете го разбраа тоа без воопшто да изустат ниту еден единствен збор. Се прегрнаа и почувствуваа како времето да се разведрува, како да се наоѓаат во сончевиот и спокоен морски пејзаж од цртежот на Бисера.
Бисера, пак, почувствува огромно олеснување на душата, знаеше дека нема да може да се радува на награда добиена со измама. Сфати дека на светoт има доволно место за двете да го изразат својот талент. Бурата во нејзиното срце конечно почна да се смирува.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3