Моето омилено катче
Библиотеката е место на мирот, место каде некој од другата страна на полицата го споделува животот со тебе.
Јас во мојот дом имам библиотека, која што се наоѓа во нашата детска соба и е сместена на цел еден ѕид. Таа изобилува со најразлични видови на книги од секакви жанрови. Имаме многу детски книги, лектири, списанија, странска литература, како и многу медицински, историски и научни енциклопедии. Јас многу често се служам со книгите во нашата домашна библиотека, бидејќи имам потреба од истите за разни предмети од училиште. Мене ми се омилени енциклопедиите, особено една со наслов „Илјада зошто, илјада затоа“. Таа ја користам многу често, бидејќи ми дава одговори на разни, интересни прашања. Многу е голема, полна со разновидни, несекојдневни прашања на кои се дадени прецизни и многу интересни одговори. Освен домашната библиотека, јас ја посетувам и училишната библиотека. Без разлика од каде и да користам книги, библиотеката за мене е пријатно, мирно и тивко место, кое ми дава чувство на убавина.
Со еден збор, библиотеката е единствено место каде што можам да го почувствувам знаењето, каде се чувствувам најбогата, според изреката „Книгата е суво злато“.
Автор: Ена Јордановска VI-4
Уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3