Поезијата на Блаже Конески - наша ненасушна инспирација
Се сеќавам, мајко, кога бев малечок,
како ме успиваше,
со песни од усни медени, од Бога благословени,
со љубов проткаени, со солзи натажени.
Те прашував мајче - Што ти е?
Зошто ти се очи насолзени
кога ми пееш успивалки,
кога пееш за везилката со конец двобоен што везела?
Кога пораснав, мајче, разбрав,
дека везилката си ја плачела,
што конец од гради расплела,
од срцето рането,
црвена боја за крвта и црна боја за смртта.
Малечок бев, не знаев,
дека Блаже ни оставил аманет,
да му ја чуваме везилката со конците нејзини,
никогаш да не заборавиме
дека се од срце испарани.
Ми пееше мајко за Орото,
старци што го играле,
и по нив млади, стројни јунаци.
Малечок бев, не разбрав,
зошто ти се очи насолзени
кога ми пееш за оро весело,
весело, а тегобно,
со тапани што татнат до небото, со зурли што пискаат од грлото.
Не знаев мајче, дека тоа е аманет од Конески,
никогаш да не заборавиме
дека зурли од душа се кинеле и тапанот удирал громови
кога мајка од син се делела, а невеста од момче работно,
за ние денес мајчице,
сите заедно сплотени да бидеме.
Мислев, Блаже е лик од бајките,
со очи кротки, најкротки, со шепот тивок, најтивок,
со чекор питом, најпитом, со име благо, најблаго,
а херој над хероите во песните опеан.
Малечок бев, не знаев,
дека Блаже е татковината што ми живее во срцево
и ми диши низ градиве,
што нè задолжи,
нашата азбука што ја имаме
на јазикот што го зборуваме,
вечно да ги чуваме.
Денес е 100-годишнина од раѓањето на нашиот великан Блаже Конески. Во негова чест, Министерството за култура и Министерството за образование и наука ја прогласија 2021 г. за година на Блаже Конески.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3