Како да се заштитиме од сајбер-булинг
Со наближувањето на новогодишните празници и зимскиот распуст, ние младите сè повеќе време поминуваме на интернет. Од почетокот на пандемијата, делумно и заради онлајн наставата, времето поминато на компјутер и на мобилен телефон драстично го зголемивме. Токму во ваков чувствителен период сме и повеќе изложени на опасноста од сајбер-насилство, која стана премногу честа. Затоа е многу важно да знаеме како да го препознаеме, за да можеме да го спречиме и да се заштитиме.
Сајбер-насилството е форма на насилство кое се случува преку интернет со помош на електронски уреди: компјутер, таблет, мобилен телефон... Притоа се користат социјалните мрежи и разни платформи за играње и испраќање пораки, преку кои за жртвите се шират лаги, засрамувачки фотографии, закани и слично. Единствена позитивна работа, условно кажано, е тоа што сајбер-булингот остава дигитален запис кој потоа може да се искористи како доказ против сторителот. За да не станете жртва на сајбер-булинг, пожелно е да ги следите следните совети:
1. Истражувајте на тема сајбер-насилство
- Колку повеќе знаете, колку повеќе сте информирани, толку подобро ќе се заштитите.
2. Избегнувајте јавно да објавувате компромитирачки слики
- Фотографиите во кои го покажувате своето тело се омилена мета на насилникот. Тој нема да има проблем да ги рашири овие слики преку интернет, а може и да ги искористи за да ве уценува. Затоа, пред да постирате некоја слика од себе или да ја испратите на некој кој мислите дека добро го познавате, прашајте се: Дали сакам да ме гледаат на интернет? Дали сакам да бидам виден јавно во вакво издание?
3. Имајте на ум дека секоја ваша објава на интернет е трајна и јавна
- Иако можете да ги избришете или да ги сокриете вашите објави на интернет, бидете сигурни дека ако сте мета на насилство, насилникот ќе ја зачува сликата од неговиот екран и потоа може да ја искористи за да ве уценува. Затоа, внимавајте што објавувате за да не му дадете „муниција“ на насилникот.
4. Не се најавувајте на вашите социјални мрежи преку јавни и туѓи уреди
- Доколку користите некој јавен уред, како на пример компјутерот во библиотеката или пак телефонот на некој другар, избегнувајте да се најавувате на социјалните мрежи или секаде каде што треба да ги напишете вашите лични податоци. Доколку сте се најавиле, бидете сигурни дека веднаш откако ќе завршите со вашата работа и ќе се одјавите, насилникот може да ги искористи вашите лични податоци за да се најавува на вашиот личен профил, лажно да се претставува во ваше име, да испраќа пораки и слики на луѓето од вашиот круг на пријатели.
5. Пребарајте го вашето име на интернет
- Ова можеби звучи чудно, но не би било лошо одвреме-навреме да го напишете вашето име во интернет-пребарувач за да видите што ќе ви се појави. Доколку видите некои необични слики или сметки поврзани со вашето име, разгледајте и осигурајте се дека никој не ве имитира или дека ви го украл идентитетот.
6. Ако сепак сте станале нечија жртва, не се плашете да побарате помош
- Најдобро е да поразговарате со вашите родители или со некој близок возрасен во кој имате доверба. Може да побарате помош и поддршка и од класниот раководител или некој друг наставник на кој му верувате. Исто така, стручните служби во училиштето ви стојат на располагање, тоа се психологот и педагогот, кои се професионалци во своите струки и ќе знаат како да се справат со проблемот и адекватно да ви помогнат.
Ова се само некои од советите за заштита и превенција на сајбер-насилство. Како што прочитавте, насилниците се способни да прават ужасни работи за да ви наштетат. Затоа, внимавајте што објавувате, кому се доверувате, со кого се спријателувате и што зборувате на интернет, бидејќи секоја објава на интернет е трајна и не знаете дали ќе станете некому следна мета на сајбер-насилство.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3