Есента во моите очи

    

    Есента за мене е волшебно годишно време. Сум забележала дека кога таа пристигнува, секогаш распостила најшарен, волшебен килим, обоен во сите бои.
    Еден убав есенски ден јас со мојата розова јакничка, која штотуку ја извадив од плакарот, излегов надвор во дворот. Одеднаш видов еден пожолтен лист како паѓаше од дрвото на земјата. Тоа ме растажи. Наеднаш и небото почна да се затемнува и од густите темно-сини облаци на мојата рака падна една мокра капка. Дожд! Си помислив. Во тој момент се досетив да ги обујам моите чизмички и да си шлапкам во вирчињата, што наоколу ги создаде есенскиот дожд. Само што ги обув чизмичките, однадвор татко ми ме викна:
-         Калина!
Јас веднаш излегов и заедно трганавме кон училиштето. Додека одевме по патот, погледнав во дворовите на соседните куќи и видов многу луѓе како прават зимница. Некои печеа пиперки, имаше луѓе кои чистеа костени и ги потпекуваа на разгорените ќумбиња, од други дворови мирисаше на варено слатко од разно овошје. Кога поминувавме покрај една куќа во ноздрите го осетив мирисот на слатко од дуњи, што посебно ме привлече. 
    Инаку, убавиот мирис доаѓаше од секаде. Во секој двор имаше по некое засадено дрво, а на гранките висеа несобраните овошни плодови. Ммм... Јаболките, крушите, грозјето ме мамеа да влезам и да скинам еден убав, зрел плод.
    Штом стасав до училишната зграда, имаше уште време додека да почнат часовите, пајас почнав да размислувам за есента, која ми се чинеше дека многу ненадејнои незабележливо пристигна.На лицето го почувствував ветрот и видов како нежно си поигрува со шарените листови на дрвјата, а кога ќе паднеа долу ги креваше високо и ги носеше подалеку. Дворот наоколу беше исполнет со многу жолто–кафени листови. Гранките на дрвјата беа соголени, како да немаат веќе облека на себе.
      Пред моето училиште поминуваа луѓе облечени во подебели палта и со мантили, со есенски обувки. Лицата им беа малку зацрвенети од свежиот воздух, а повеќето од нив носеа и чадори во рацете, веројатно очекувајќи есенскиот дождец повторно да почне да паѓа од густите облаци на темно-модрото небо.
      Откога поминаа сите часови, заѕвони училишното ѕвонче.
-         Ѕрн, ѕрн...!
Сите ги земаа своите ранци, но само јас останав последна, замислена и загледана. Есента ме мамеше да ја набљудувам низ училишниот прозорец. Сепак, на крајот и јас го земав мојот ранец и се наредив во редицата со другарчињата.
     По завршувањето на часовите јас си дојдов дома. Го оставив ранецот и веднаш излегов во дворот. Кога убаво погледнав во нашиот двор, си помислив дека е слика нацртана од најдобриот уметник на светот. Толку беше убав што си помислив дека сум влегла во светот на бајките. На јаболкницата во дворот видов  многу необрани плодови, го видов дворот исполнет со шарени листови. Додека газев по нив, тие шушкаа како да произведуваа волшебна музика. Додека чекорев како да пропаѓав, па помислив дека газам по меките модри облаци. Се движев како да одам по тенка лента. Движејќи се,  дојдов до нашата јаболкница, скинав едно јаболко и веднаш го пробав. Јаболкото беше црвено како моето носе и многу сочно.
     Откако убаво ја разгледав есента околу мене, а носето ми беше веќе зацрвенето, се прибрав дома. Седнав покрај огништето, пријатната топлина од разгорените дрва во шпоретот полека ме стоплуваше, а јас јадев од овошното слатко што баба ми го свари од нашето грозје и пиев исцеден сок од јаболките од нашата јаболкница. 
     Додека си уживав во слаткото и сокот, размислував за есента, размислував за она што го видов тој ден во дворот и по патот до училиштето. Навистина, есента во моите очи беше преставена како волшебна слика во многу бои.
Автор: Калина Караџоска V-1
Уредник: Михаела Димчова VIII-2



Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче