За сите деца во светот

 

Дојди, непознато другарче мое!

Да ти раскажам еден сон.

Сонував дека сите деца на светот

едно до друго се држат за раце

и прават огромен синџир околу целата Планета.

Се гледаат во очи, весело се смејат

и се разбираат на единствениот јазик кој сите деца во светот го знаат:

Љубовта!

 

Дојди, драго другарче мое!

Да трчаме заедно по росните ливади искапени во сончеви зраци

весели, разиграни и слободни како птици,

со развеани змаеви по синото небо

бидејќи така секое дете треба да си игра,

безгрижно да кове планови за утре,

да се радува на туѓиот и успехот свој

и со нетрпение да ја чека светлата:

Иднина!

 

Дојди, сакано другарче мое!

Да ги извалкаме усните со чоколадо,

а чевлите со кал.

Да бркаме пеперутки и бубамари

со округли и полни мешиња, сити.

Да се бркаме додека не ни поцрвенат образите од умор

и потоа да си легнеме

во нашите топли и удобни креветчиња.

Да си ги гушнеме мама и тато

и спокојно да заспиеме

во единственото место каде што припаѓаме

и сите го нарекуваме:

Дом!

 

Дојдете, знајни и незнајни другарчиња мои!

Да ве гушнам сите заедно

со рацеве мои долги илјадници милји.

Да ви кажам колку ве сакам,

да ви кажам колку сте храбри и цврсти,

убави, љубопитни и мили.

И сите до еден заслужувате љубов, слобода и мир.

Бидете силни, другарчиња мои!

Вие сте иднината и надежта за поубав свет

и единствено што заслужувате е да бидете:

Среќни!

 

Литературната творба освои прво место на државниот литературен конкурс Ракатки 2021.

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче