Настан на УНИЦЕФ за одбележување на Светскиот ден на детето

По повеќемесечни работилници и младински консултации, денес, во организација на УНИЦЕФ и под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, во хотелот Хилтон се одржа настан по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември. Настанот насловенМладински повик за акција - Да преосмислиме подобра иднина се надоврза на иницијативата Преосмисли ја иднината, во која преку низа работилници и консултации младите од целата земја зборуваа за проблемите со кои се соочуваат од областа на образованието, животната средина и квалитетот на животот.


На настанот свои обраќања имаа претседателот Пендаровски, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Патриција Ди Џовани и тројца млади кои со присутните ги споделија своите ставови во врска со трите теми. Тие во своите говори изјавија дека е потребно државата да биде поактивна во заштитата на детските права и да создава политики и закони кои ќе ги заштитат децата од сиромаштија и злоупотреба, и ќе им обезбедат здрава и безбедна средина за живеење и квалитетно образование.

По нивните обраќања, настанот продолжи поделен во три сегменти на мали групни дискусии. Со дискусиите како модератори раководеа тројца млади луѓе, меѓу кои беше и ученикот Алексеј Стојановиќ од нашето училиште, кој беше задолжен за сегментот на образованието. Во сите три тематски поделени дискусии децата и младите директно им се обратија и разговараа со носителите на одлуки, меѓу кои имаше претставници на меѓународните организации, градоначалници, пратеници од Собранието, експерти од разни области и странски амбасадори. Младите со нив споделија со какви секојдневни предизвици се соочуваат и какви промени им се потребни, и побараа во иднина повеќе да се слуша нивниот глас.


Од нашето училиште на овој настан учествуваа Алексеј Стојановиќ како модератор на настанот, Михаела Димчова и Јана Саздовска.

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче