Штедењето – мудра одлука за подобра иднина
Се обложувам дека имам уникатна касичка за штедење. Не дека немам и онакви „нормални“, детски касички, какви што има во секоја продавница за играчки, но нив ги надраснав и решив да си направам своја, посебна касичка. Всушност, тоа е една голема стаклена тегла од зимница, чиста се разбира, со капак кој на средината го исеков за да има доволно простор низ него да се протне метална или книжна банкнота.
Кога бев помал си вадев ситни парички од другите касички и со нив си купував мастики, чипсови и чоколатца од блиското продавниче кога ќе излезев надвор со другарите. Меѓутоа, пред неколку години се запишав на оркестар, научив да свирам на мандола и добив неодолива желба да научам да свирам и на клавир, т.е. поточно, на синтисајзер. Дедо ми ми го даде стариот синтисајзер на мајка ми од времето кога таа била дете и свирела на него, но тој ми е некако многу мал, има само пет октави, па решив да почнам да штедам за сам да си купам поголем синтисајзер. И така, последниве 3-4 години сите пари што ќе ги добијам за родендени, Нова година, без поводи од бабите, дедовците, моите тетки, си ги ставам во стаклената касичка и си ги штедам.
Одвреме навреме ги бројам за да видам уште колку ме делат од остварувањето на мојата цел, но засега сум сè уште далеку од посакуваната сума. Но добро, јас сум многу трпелив и вредно работам за да си заработам дополнителни парички со кои ја дополнувам касичката. На пример, еднаш кога бев кај баба ми на гости, на еден постар сосед му требаше помош во собирањето на искосената трева од неговиот голем двор. Јас со задоволство му помогнав и вечерта кога си заминувавме дома соседот дојде и ми даде 50 денари. Бев изненаден и не сакав да ги земам парите, бидејќи не му помогнав за да ми плати, туку затоа што сакав. Тој ми рече дека сечиј труд треба да се вреднува и дека мојот труд вредел многу повеќе отколку таа симболична сума, бидејќи сум му помогнал да заштеди многу време.
Потоа размислував за оваа негова мисла и сфатив дека навистина е така: заработените пари се трошат и можат повторно да се заработат, можат да се заштедат и повторно да се потрошат, но потрошеното време не можеме ниту да го вратиме назад, ниту пак можеме да го заштедиме за во иднина. Мудар човек е соседот на баба ми.
Моите родители постојано смислуваат начини како да ми помогнат побрзо да ја наполнам касичката. На пример на татко ми, кој е компјутерџија и информатичар, понекогаш му помагам во дијазнирањето на некој веб-сајт, а тој потоа ми дава дел од заработката. Или пак на мајка ми ѝ помагам со пишување нови написи на нејзината интернет-страница, а таа дел од парите што ги добива за реклами ми дава за да ме награди за трудот и за времето што сум го одвоил за да ѝ помогнам. Ова не умеев да го правам кога бев помал, но сега кога знам како, можам и сам да заработувам и со задоволство го правам тоа. Преубаво е чувството да бидам корисен и притоа да бидам награден за мојот труд. Сега потполно го сфаќам значењето на кратката поговорка „Времето е пари“.
А мојата касичка полека, но сигурно се полни, и не е многу далеку денот кога ќе ја соберам посакуваната сума и ќе се наградам себеси за сиот вложен труд и време. Но мислам дека најголема награда ми е убавата навика што ја стекнав за штедење и за планирање на парите, која сигурно ќе ми биде корисна и понатаму во животот.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3