Светски ден на менталното здравје

 


Денешниот датум 10 октомври Светската здравствена организација секоја година го одбележува како Светски ден на менталното здравје. Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне свесноста за важноста на менталното здравје кај луѓето во целиот свет и да се зголемат напорите за негова поддршка.

Овој ден претставува одлична можност за сите професионалци кои работат на прашања поврзани со менталното здравје да зборуваат за својата работа и за сè она што треба да се направи за грижата за менталното здравје да стане реалност за сите луѓе во светот. Токму затоа и мотото на овогодишниот Ден на менталното здравје е во тој дух Грижа за менталното здравје за сите: да ја направиме реалност.

Од почетокот на пандемијата нашето училиште организираше повеќе работилници и обуки со стручни лица на различни теми поврзани со менталното здравје на децата и на возрасните. Работилниците беа наменети за учениците, родителите и за наставниците, и интересот за нив беше многу голем. Теми на работилниците беа: како да се справиме со последиците од промените кои пандемијата ги донесе со себе - социјалната изолација, справувањето со болеста, стравот, неизвесноста... Целта беше да се изнајдат начини за одржување на менталното здравје во услови на нови и досега непознати начини на функционирање за нас, онлајн настава, работа од дома, дружење преку социјални мрежи наместо во живо и слично.

Менталното здравје е подеднакво важно како и телесното здравје. На денешниов ден да се потсетиме дека сите рани не се видливи и болни на допир, но се вистински исто како што е, на пример, скршената рака. Барањето помош кога имаме проблеми поврзани со менталното здравје не е табу-тема, туку нешто што сите треба да го направиме кога имаме потреба. Затоа се тука професионалците од областа: психолози, психотерапевти, психијатри, кои ќе ни помогнат полесно да ги надминеме тегобите и предизвиците со кои се соочуваме. 

 Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров

Само еднаш сум дете

Нашето ново катче