Најчести правописни грешки кај учениците

Почетокот на учебната година е идеално време да се потсетиме на најчестите правописни грешки што ги прават учениците (а и многу возрасни), кога се изразуваат писмено.                                                          

1.  Негацијата не се пишува одвоено од глаголот, на пример: не сакам, не може, не знаат, не треба (погрешно е несакам, неможе, незнаат, нетреба).

2.  Кратката заменска форма се пишува одвоено од именката, показното зборче или заповедниот начин, на пример: за именки татко ми, брат ти, дедо му (погрешно е таткоми, братти, дедому); за показни зборови еве го, ене ја, ете ти ги (погрешно е евего, енеја, ететиги); и за заповеден начин кажи ми, донеси ѝ, одете си (погрешно е кажими, донесии, донеси и, одетеси, оде те си).

3.   Грешки при едначењето по звучност, на пример: детство, детски (не децво, десво, децки); претседател (не прецедател); леб, лепче (не лебче), врапче (не врабче). Други грешки: наставничка (не настамничка); сфаќа, разбира (погрешно е сваќа); вчера, вторник (не фчера, фторник).

4.  Кратката заменска форма за женски род се пишува со надреден знак и одвоено од именката, на пр: сестра ѝ, баба ѝ (погрешно е сестраи, бабаи).

5.   Кратката заменска форма за прво лице множина се пишува со надреден знак: нас нè. На пример: Нас не нè плаши староста; Утре ќе нè носат на Водно; Видете нè колку сме убави, (погрешно е: Нас не не плаши староста, Утре ќе не носат на Водно, Видете не колку сме убави).

6.   Зад интерпункциските знаци се остава празно место.

7.  При степенувањето на придавките, претставките по- и нај- се пишуваат слеано со придавката, на пр: подобар, најдобар, поубаво, најубаво, весела, највесела (погрешно е по добар, нај добар, по убаво, нај убаво, по весела, нај весела).

8.   Изразот сè уште се пишува одвоено и со надреден знак, погрешно е сеуште, се уште, сèуште.

9.   Глаголот дава во заповеден начин правилно се пишува: дај ми вода; дајте им сок на гостите, (погрешно е дади ми вода, дадете им сок на гостите).

10. Идно време се формира со додавање на честичката ќе (со ќ, не со к) пред глаголот, на пр: ќе одиме, ќе пееш, ќе пливам, (погрешно е ке одиме, ке пееш, ке пливам).

Дополнете го списокот ако се сетите на други правописни грешки што често ги прават учениците. 😃

 

Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ IX-3

Popular posts from this blog

Пролетен пејзаж

Мојот живот за време на пандемија

Едно поинакво лето

Само еднаш сум дете

Училишни спомени

Нашето ново катче