Прошетка во Горенци, Дебарско
Си има таму во Дебарско едно малечко селце по име Горенци. Се наоѓа на планината Стогово, високо над преубавото Дебарско Езеро, каде што воздухот е секогаш чист како утринска роса. Затоа што се наоѓа на планина, зимите во Горенци се остри, ладни и под дебела снежна покривка. Селото има две маала: Горно Маало и Долно Маало и не е многу населено. Затоа таму е многу мирно и тивко, а тоа ми се допаѓа. Времето е речиси секогаш сончево, но зимно време е доста ладно и ако не се внимава лесно може да се настине.
Нашата куќа, која дедо ми ја купил од љубов кон неговите предци и преубавото место, се наоѓа во Горно Маало и поради тоа има прекрасен и многу широк поглед. Кога ќе погледнам налево од прозорецот во дневната соба погледот се простира над Дебарското Езеро сè до браната Шпиље и патот кон Струга, надесно до местото каде што брзата и бистра река Радика се влева во езерото, а напред се гледа целото езеро, градот Дебар и планините во Албанија од другата страна на границата. Кога е тивко, може да се слушне ѕвонливиот повик на камбаните од манастирот Св. Георгиј Победоносец во убавото село Рајчица, кое се наоѓа на влезот во Дебар.
Ливадите во Горенци се начичкани една до друга како пегите на лицето на малечко дете. На пролет се толку раззеленети и преполни со разнобојни и мирисливи цвеќиња, што просто мамат да легнеш на меката трева и да уживаш во брмчењето на пчелите кои вредно собираат мед од цвет на цвет. Една прошетка ги полни белите дробови со свеж воздух и опоен мирис, и ја обновува енергијата. За време на летните месеци времето е доста топло, па затоа во вечерните часови повторно излегувам да се прошетам, а таму ме чека прекрасното портокалово-црвено зајдисонце кое некако загадочно се смешка. Наутро со дедо излегуваме во дворот пред куќата и печеме колбавчиња на оган, додека вжареното сонце се искачува високо над езерото на синото небо и повторно го има тој загадочен израз на лицето. Колбавчињата пак, се повкусни од кое било слатко и се чудесно неодоливи.
Нагоре по стрмната и прекрасна планина Стогово има темнозелена, густа и по малку мрачна шума, во која се издигаат високи дабови и костенови дрвја. Дебарскиот костен е надалеку познат по својот вкус и по својата благост. Потоа тука се смреките, јаворите, борот, елките, брезите и други зимзелени и листопадни дрвја. Меѓу нив жуборат брзи поточиња пребогати со ледено-ладна и питка вода. Шумата претставува дом на повеќе животни отколку што има зборови да се опише: куни, верверички, диви свињи, волци, мечки, зајаци, диви кози, лисици...
Каде и да тргнеме низ селото нè среќаваат мештаните и срдечно нè поздравуваат. Никаде не се чувствувам подобредојдено и повеќе како дома, како кога сум во Горенци. Таа магија што ја создава ова село не може да се опише, може само да се доживее. Истото се случува и кога одиме во Дебар. Жителите на градот се толку питоми, љубезни, топли, секогаш подготвени да понудат помош и убав збор.
Бројот на жители во селото со години наназад се намалува заради тоа што голем број од нив заминуваат на работа во странство. Таму ги создаваат и прошируваат своите семејства, но и покрај тоа, во Горенци градат големи куќи, со надеж дека еден ден ќе се вратат со своите деца и внуци и во родниот крај ќе ја дочекаат староста. Меѓутоа, секој август селото живее во својот полн сјај, затоа што тогаш жителите доаѓаат од странство дома на одмор, прават веридби, свадби и крштевки со своите фамилии и пријателите и селото е полно со народ, музика, веселби, дружење... Горенци е мало селце, но со голем и богат карактер. Секоја улица и сокаче дишат со неговата долга историја.
Има чиста изворска вода, пространи ливади, густи шуми и прекрасна фауна. Одењето таму ми причинува огромно задоволство и среќа. Секоја година едвај чекам да дојде летото, да одам во моето најсакано село и да се растрчам по меката и мирислива трева на полјанките, да си ја исполнам душата со мир и спокојство, или да се нурнам во топлата езерска вода и да ги измијам од себе сите грижи.
Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ VIII-3