Се отворија летните олимписки игри Токио 2020
Денес на националниот стадион во Токио се отворија 32. летни олимписки и параолимписки игри. Логото на овогодишните ЛОИ е Токио 2020 заради тоа што требаше да се одржат минатата година, но поради пандемијата беа одложени за ова лето. Церемонијата на отворањето беше многу поскромна и поразлична од оние спектакуларни и раскошни свечености на кои сме навикнати и на кои учествуваа буквално илјадници учесници, уметници и спортисти.
Иако некои мислат дека стадионот во Токио одекнувал заради отсуството на публика и признавам, тажно беше да се гледа тоа грандиозно здание со капацитет од 80 000 луѓе празно, сепак, Јапонците тоа отсуство вешто го надополнија со креативност и брилијантни идеи.
Целото шоу изобилуваше со сјајна светлина, бои, технологија, програмирани дронови, роботика, електронска технологија, спортски реквизити, огномети, музика, видеоанимации и многубројни учесници кои со своите перформанси успешно испратија пораки за мир, инклузија, разноликост, солидарност, прифаќање... На пример, олимпискиот пламен беше запален во котел со величенствена форма на сонце, со која дизајнерот Оки Сато испраќа пораки за надеж, виталност и живот.
Пораката која им беше испратена на сите спортисти е: Можеби тренирате одвоено, но не сте сами. Огнот за првпат откако се одржуваат игрите ќе се напојува со хидроген, заради решеноста на Јапонија ЛОИ да бидат во духот на одржливоста. Од истата причина медалите за најдобрите се изработени од рециклирани електронски уреди, креветите за спортистите во Олимпиското село се изработени од картон (кој поддржува тежина до 200 кг), подиумите се од рециклирана пластика, од рециклирани материјали се и дресовите на сите спортисти, дури и олимпискиот факел содржи алуминиум кој бил рециклиран од привремените живеалишта кои се изградиле по хаваријата во Фукушима.
Мотото на ЛОИ Токио 2020 е „Обединети со емоција“, со намера да се нагласи моќта на спортот да ги зближи луѓето со различно потекло и да ги поврзе на начини кои ги надминуваат нивните разлики. И навистина, церемонијата на отворањето го покажа токму тоа: убавината на разликите меѓу културите и капацитетот тие да се поврзат преку единствените емоции кои може да ги разбуди само спортот.
Македонија на овие ЛОИ Токио 2020 ќе ја претставуваат осум спортисти.
Интересни факти за Олимпијадата:
- Токио е по вторпат домаќин на ЛОИ, првиот пат беше во 1964 година
- Изработени се 5000 олимписки медали за најдобрите
- На игрите ќе се натпреваруваат над 11 000 спортисти во 50 спортови и 33 различни дисциплини
- На овие ЛОИ се додадени четири нови спортски дисциплини: возење со скејтборд, сурфање, карате и спортско искачување
- За време на ЛОИ 2020 ќе се случат 339 спортски настани
- Најмладиот олимпиец што ќе учествува е 12-годишната Сиријка Хенд Заза, која ќе се натпреварува во дисциплината пинг-понг
- Најстариот олимпиец на ЛОИ 2020 е 66-годишната Австралијка Мери Хана, која ќе настапи со уметничко јавање коњ