Патот кон успехот - интервју со Виолета Вербраак – Колевска
1.Добар ден Виолета. Дали ќе може најпрво да ни се претставите?
Јас сум Виолета Вербраак – Колевска. Родена сум во Скопје, а веќе од 1997 – та година живеам во Холандија. Мажена сум за холанѓанец и имам еден син од 18 години. Работам долги години во интерна ревизија во една во една голема Холандска банка. Основното училиште го започнав во “Крсте Мисирков” училиштето во населбата Ченто. Кога дојдов до 5 – то одделение училиштето “Дане Крапчев“ беше завршено со изградба и јас веднаш се префрлив да го продолжам школувањето во ова ново и убаво училиште.
2.Дали имате некои спомени или сеќавања од oсновно училиште кои ви оставиле посебен впечаток?
Имам многу убави сеќавања од времето што го поминав во “Дане Крапчев” училиштето. Бев одлична ученичка, секоја година првенец на генерација. Бев активна во многу секции. Со мандолинскиот оркестар свиревме на празници пред родителите, одевме на натпревари а професорот по музичко беше толку ангажиран и мотивиран да бидеме најдобри. Играв и кошарка за нашето училиште а моите цртежи по ликовно беа многу често изложени во училиштето. Имаше прекрасни професори. Се сеќавам на пример на професорката по англиски Марионка, прекрасна професорка која секогаш ме памтеше. Порано често ја среќавав во автобусот 45ка кога доаѓав од Холандија на посета кај моите. Благодарение на неа мојот англиски беше совршен и тоа многу ми помогна понатаму во животот кога отидов да живеам во Холандија.
3. Како сте го продолжиле понатамошното школување кога го завршивте своето образование во „Дане Крапчев“?
После завршувањето на основното училиште во “Дане Крапчев” продолжив да се школувам во средното економско училиште “Борис Кидрич” во Кисела Вода во Скопје. Таму бев првенец на генерација и по завршувањето веднаш се запишав на Економскиот Факултет “Кирил и Методиј” во Скопје. Факултетот го завршив за 4 години. Веднаш потоа се запишав на Магистарски студии на Економскиот факултет во Скопје. За жал не најдов исполнување во овие студии поради застарениот матријал за студирање во тоа време, кога Југославија се распадна и имаше нови случувања во економијата во Македонија. Наместо тоа, се одлучив да работам како ревизор во една реномирана странска ревизорска куќа во Скопје. Таму работев 4 години и таа работа ме однесе во Холандија.
4.Со какви предизвици сте се соочувале во текот на вашето образование?
Па немаше некои посебни предизвици. Се што требаше да се научи за да се добие поголемо знаење не претставуваше за мене никаква тешкотија. Понекогаш кога имав многу за учење, сакав да играм надвор со другите деца, но секогаш на прв план ми беше учењето, а потоа кога тоа беше завршено, уживав во слободното време со другарчињата. Најголем предизвик ми беше во време на докторатот во Холандија. Во тоа време работев 40 часа за банката во која бев вработена, докторатот го работев во слободно време. Еден од предизвиците беше како оптимално да се искористи времето, дел за докторатот, дел за работата но и дел за моето семејство. Големата поддршка и љубов од моето семејство многу ми помогнаа да го завршам патот кој сум го започнала.
5.Зошто ја одбравте оваа професија?
Потекнувам од семејството кое што има образование во економската, банкарската и ревизорската струка. Тоа што моите родители работеа, мене ме привлече и не размислував долго каде да продолжам со образованието по завршувањето на основното училиште. Посебно ревизорската професија ме привлече поради тоа што секоја ревизија открива многу важни нешта со кои ревизорот помага на претпријатијата да работат подобро и со помалку ризици.
6.Дали некогаш сте се размислувале дека ќе бидете тоа што сте денес?
Јас уште од мала имав чувство дека ќе бидам ова што сум денес. Со брат ми секогаш игравме “банка” или “ревизори” кога бевме мали. Ние не знаевме точно што значи тоа, но тоа што слушавме и гледавме од нашите родители го преведувавме во некоја детска игра. И ете, веднаш по завршувањето на Економскиот факултет ја започнав мојата работна кариера во ревизорската струка.
7.Дали сеуште се дружите со вашите соученици од основно образование?
За жал врските со мoите соученици од основното училиште се изгубија со текот на времето. Ако ги гледам сликите од тоа време, се сеќавам на сите соученици. Имаше еден соученик кој во го гледав на нешето пазарче како продава јајца. Кога ќе дојдев од Холандија со мојата фамилија задолжително застанував кај него да си позборуваме. Во последно време го снема, разбрав дека за жал не е веќе меѓу нас живите.
8.Дали сте задоволни од постигнатиот успех и од она што сте сега?
Да, задоволна сум. Но и покрај тоа, секогаш гледам како да станам денеска подобра верзија од себе од онаа верзија што сум била вчера. Затоа, кога се преселив во Холандија веднаш почнав да го учам холандскиот јазик за да можам да го следам животот во холандското општество. За кратко време се вработив интерната ревизија во една голема Холандска банка. За да можам да ја вршам ревизорската работа ги обезбедив потребните серфикати магистратури за овластен ревизор на холандско и меѓународно ниво. На Ерасмус Универзитетот во Роттердам во 2014 – та година ми се пружи прилика за докторат во областа на интерната ревизија. Докторатот го одбранив во 2018 – та година. Моментално Covid-19 кризата ми дава малку простор и време да паузирам, но наскоро планирам да бидам активна во пренесувањето на стекнатото знаење за ревизија на други колеги и студенти.
9.И како за крај дали имате некој совет за сегашните па и за идните ученици во ООУ ,,Дане Крапчев"? –
Ако сакаш да си успешен треба постојано да работиш на себе, да ги согледаш своите таленти, да ги негуваш и да инвестираш во нивното понатомошно развивање. Овој процес продолжува и по завршувањето на основното, средното училиште, факултетот па дури и магистратура и докторат. Мој совет е биди љубопитен за нови сознанија. Учењето и секој труд инвестиран во знаењето секогаш се враќа назад со многу убави работи во животот.
*Многу Ви благодарам за одвоеното време и се надевам дека вашите совети многу ќе им помогнат на сегашните и идните ученици во ООУ „Дане Крапчев“.
Автор: Бојана Цветановска VIII-1
Уредник: Ева Митевска VIII-1