Да ми кажуваше некој дека едвај ќе чекам да заврши распустот, ќе му се изнасмеев во лице. Па, сите знаат дека летото е најомилено годишно време на учениците, бидејќи тогаш сме слободни од секакви обврски. Кога ми заврши и последната училишна активност, планирав цело лето да го поминам во излежување и безделничење. Да играм со другарите онлајн, да играм кошарка, да спијам, да јадам сладолед, да гледам Јутјуб, да спијам, да седам до доцна надвор, да се дружам, да спијам... Сфативте дека планирав многу да спијам , нели? Но, моите родители имаа поинаква замисла. Уште кога се врати мајка ми од Белградскиот маратон кој се одржа на 6 јуни, ми најавија дека летово ќе имаме гости од Србија, нивни пријатели кои имаат ќерка на моја возраст. Јас, се разбира, како типичен тинејџер само превртев со очите, но кога ми кажаа дека со нив ќе одиме 15 дена во Охрид веќе почнав сериозно да негодувам. Како го замислуваат тој одмор? Тие да се дружат со пријателите, а јас да ја забавувам нив...