Ден на македонскиот јазик и македонската азбука

 


На 3 мај 1945 година, тогашната Народна влада на Федерална Македонија донела решение за македонската азбука, кое два дена подоцна, на 5 мај, станало официјално со неговото објавување во весникот Нова Македонија. По два месеца, на 7 јуни, бил озаконет и првиот правопис на македонскиот јазик.

Датумот 5 мај од 2019 година со одлука на Владата официјално е прогласен за Ден на македонскиот јазик и македонската азбука.

Македонскиот јазик е мој мајчин јазик. Со познавањето на својот јазик можеме да ја спознаеме и научиме не само неговата долга и бурна историја, туку и историјата на македонскиот народ. Од првото словенско писмо кое го создале Св. Кирил и Методиј, па сè до 19 и 20 век кога познатите јазичари и просветители како Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Григор Прличев, Кочо Рацин и многу други, правеле сè во своја моќ за да го унапредат и афирмираат јазикот. 

 

Јас сум им многу благодарен за тоа што ми овозможиле да зборувам и пишувам на македонски, без да се грижам дали ќе бидам осудуван или напаѓан, како што било во минатото. Благодарен сум дека ми е оставена најефикасната алатка со која можам да се разберам и да комуницирам со моето семејство, моите другарчиња и моите сограѓани. 

 

Со мајчиниот јазик ние го започнуваме нашиот живот и ги учиме првите зборови. На македонски јазик се пишувале првите народни песни, се раскажувале првите приказни, се пишувале првите есеи и најпознатите македонски книги. На мајчин јазик ги искажуваме нашите чувства, учиме и се образуваме. Со него се создава и збогатува нашата култура како нација, градиме нови пријателства и напредуваме како личности.

 

Големата борба за јазикот засега е завршена. Нам ни останува да го негуваме, бидејќи ни е останат од нашите предци и нè поврзува со нив. Тоа е единствениот начин на кој можеме да им возвратиме за големата борба која тие ја воделе, за ние денес да имаме јазик кој ќе ја одразува нашата култура и писменост.

 

Зборувањето на македонски јазик значи сакање и почитување на својата татковина. Да го чуваме и негуваме јазикот така што ќе читаме книги на македонски јазик и македонски автори, ќе зборуваме литературно, а во пишаната и електронската комуникација ќе ја користиме македонската азбука кирилица.

 

 Автор и уредник: Алексеј Стојановиќ VIII-3

Popular posts from this blog

Мојот живот за време на пандемија

Пролетен пејзаж

Едно поинакво лето

Училишни спомени

Нашето ново катче

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров