Мојот живот во услови на пандемија
Секој период од животот на човекот има своја убавина и свое време во кое се
живее. Време на детството, време на адолесцентност, време на младоста,
средновечност и старост.
Јас сум тинејџерка, девојче на четиринаесет години и во моментов ја живеам
најдолгата година од сите досега, годината на пандемијата. Зад мене остана
предходната година во која се затворија вратите на училиштето,а потоа пристигна
оваа година во која сѐ продолжи по старо.Помина една година на изолираност,
отуѓеност од другите, осаменост и одалеченост од сѐ она што дотогаш беше
секојдневие и наш ритам и начин на живот. Престанаа средбите со другарчињата
од моето одделение и сите оние што ги сретнував и со кој се дружев од
генерацијата. Училишните клупи веќе одамна се празни, во ходниците на
училиштето замре детскиот џагор, сопре детската смеа и остана само тивкиот
шепот на учениците од помалите одделенија. Мојот живот се сведе на просторот
во мојата соба, пред мојот компјутер на кој во мали квадрати ги гледам моите
другари и наставници. Како светот да се намали и дел од него се собра во екранот
на мојот компјутер пред кој со часови седам, а потоа го земам мојот телефон и
продолжува да гледам во него. Постојано размислувам за тоа колку е светот
одблиску, а сепак далеку. Сите празници ги поминуваме во кругот на најтесното
семејство и веќе со месеци никој не го пречекорил прагот на мојата куќа во која
претходно постојано доаѓаа моите баби,нашите роднини и пријатели. Со сите
водиме долги разговори на телефон, но нашите средби се незаменливи и се
обидуваме со нашите планови да го надополниме изгубеното време. На нашиот
список стојат нашите средби, на трговските центри, градските паркови сите
филмови кои ќе ги гледаме откако ќе заврши пандемијата. Престанавме да
предвидуваме кога точно ќе биде тоа затоа што сѐ стана неизвесно, нејасно. И
покрај сѐ во овие пролетни денови се буди нова надеж дека пандемијата ја губи
својата сила и дека полека заминува. Во мене трепери немир, а во моите мисли
постојано се раѓа истата слика како одам кон нашето училиште, а таму со
насмевка и безброј прегратки ме чекаат моите другарки и сѐ почнува повторно
како будење по долг, напорен сон.
Животот продолжува, а и мојата надеж дека сè ќе биде како порано, дека ќе се врати вербата во луѓето, а по оваа отуѓеност ќе чувствуваме повеќе една за други и ќе комуницираме.
Автор: Лина Тргачевска VIII-2
Уредник: Алексеј Стојановиќ VIII-3