Љуби внимателно-живеј сигурно

 

Ја нарекуваат чума на денешницата. Најсмртоносна пандемија во поновата светска историја. Болест за која долги години не се зборувало јавно дури ни помеѓу медицинарите. Се стигматизирале и дискриминирале, за жал, и денес се стигматизираат и дискриминираат лицата ХИВ позитивни или болни од сида. Стравот од непознатото си го направил своето. Се уште кружат и се актуелни мислењата и тврдењата дека вирусот е вештачки - лабораториски направен со „некаква“ цел и „светски заговор“. Колку сето тоа е вистинито може само да се прашуваме ние обичните луѓе, а правата вистина ја знаат само таму некаде, некои за нас недостапни научници.

Како и да е, за нас е важно да се едуцираме со што би се заштитиле и себе и другите. А со тоа ќе се спречи ширење на болеста и намалување на бројот на болни. Со надеж за што поскоро пронаоѓање лек и вакцина.  

Сида е болест причинета од вирусот ХИВ (HIV - Human Immunodeficiency Virus)- хуман имунодефициентен вирус. Причинител е на имунитетски недостсток кај човекот. Го таргетира - напаѓа имунолошкиот систем на човекот, односно системот кој е одговорен за одбрана на организмот од инфекции и болести. Кога имунолошкиот систем е ослабнат организмот е со намалена способност да се брани од инфекции и да се бори со болести.

Првиот облик на ХИВ-вирусот се појавил во Африка и се ширел помеѓу локалното население, а достигнал поголеми размери кога стигнал до Кинсаша (Демократска Република Конго). Од овој град потекнуваат двата најстари примероци на ХИВ, едниот пронајден во крвната плазма на маж во 1959 година, а другиот во лимфните јазли на жена во 1960 година.

Во 1981 година американски лекари првпат пишувале за болест која погодува млади, хомосексуални мажи кои претходно биле апсолутно здрави. За набрзо потоа да почне пандемија со ХИВ/СИДА која брзо се шири.

ХИВ го изолирале француските виролози Лук Монтање и Франсоаз Баре-Синуси на Пастер-институтот во Париз во 1983 година. За тоа во 2008 година добиле Нобелова награда за медицина.

СИДА и ХИВ не е исто

При инфекција со ХИВ, односно навлегување на вирусот во организмот лицето станува ХИВ позитивно, тоа значи дека крвниот тест покажува присуство на вирусот во организмот. Но, сè додека вирусот не го нападне имунолошкиот систем (понекогаш по многу години, од 2-10 год.), тоа лице нема СИДА, не е болно. Сепак инфекцијата со ХИВ води кон СИДА (синдром на стекната имунодефициенција). Како што вирусот ја нарушува и уништува функцијата на имуните клетки, инфицираните лица постепено стануваат се по имунодефицитарни и кога ќе се појавата првите симптоми тогаш се зборува за болест, односно лицето е болно од СИДА. Значи сидата е најнапредната фаза на хив инфекција. Кај болните лица се јавуваат т.н. опортунистички инфекции предизвикани од вирус, бактерии, габички и други причинители кои своето штетно дејство го исполнуваат само во случај на слаб имунитет, како и некои видиви на тумори.

ХИВ за да се пренесе треба да стигне – навлезе во крвта на човекот. Тој живее и се размножува само во живи клетки кои на крај ги уништува-умираат.

Се шири преку размена на инфицирани телесни течности : крв, полови течности (сперма, пред-семена течност, вагинален секрет, менструална крв) и мајчино млеко каде вирусот го има големи концентрации.

Се пренесува, најчесто, преку незаштитен сексуален контакт, инфицирани игли, нестерилни инструменти, од заразена бремена мајка на плодот (вертикална трансмисија),  при породување или доење. Порано се пренесувал и преку трансфузии, но веќе не бидејќи од 1985 год. секоја донирана крв или органи се тестираат на ХИВ, а исто и донираната сперма во банките за сперма.

ХИВ не може да се пренесе преку ракувањепрегрнувањебакнување и други вообичаени социјални контакти, конзумирање храна приготвена од заразено лице, ако го делите домот со заразено лице, ако учите или работите со негоПреку тоалети, кваки и други предмети. Не може да го пренесат ниту животните и инсектите (на пр. комарец) бидејќи само во крвта на човекот се наоѓаат лимфоцити со CD4 молекули за кои вирусот се врзува.

Симптомите на ХИВ/СИДА варираат зависно од фазата на инфекција.

Во првата, примарна  или акутна фаза која трае и до неколку недели може да нема никави симптоми или да има клиничка слика на настинка или грип со висока телесна температура, треска, главоболки, желудечни тегоби, понекогаш и осип. Тогаш пациентите се најзаразни и најлесно го пренесуваат вирусот. Потоа може да се појават и нагло губење на телесна тежина, зголемени лимфни жлезди, кашлица,ослабено памтење. Во следниот период може да има асимптоматска фаза ( не кај сите, но обично трае долго – повеќе години ) кога нема никакви симптоми освен зголемени лимфни јазли каде живее и се размножува вирусот, а ги уништува одбрамбените клетки на организмот. Потоа настанува симптоматска фаза како последица на многу оштетен имун систем. Организмот не може да се бори ефективно и почнуваат да се јавуваат инфекции и болести. Тие стануваат се потешки и тогаш настапува последната, најтешка фаза на ХИВ инфекцијата односно сида. Се јавуваат симптоми од повеќе системи - туберкулоза, менингитис, тешки бактериски инфекции, карциноми, лимфоми, а карактеристичен е и Капоши сарком.

За да се дијагностицира ХИВ/СИДА се прави тестирање на крвта кое ќе покаже дали се присутни антитела на ХИВ, односно дали некое лице е ХИВ позитивно. Вакво тестирање кај нас може да се направи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тестовите се доверливи и бесплатни. За да се создадат антитела, кои можат да се утврдат со тестот потребни се три месеци од инфекцијата. Можно е, лицето да е инфицирано (да го има вирусот во организмот) пред испитувањето на крвта да го покаже тоа.

За лекување и третман на ХИВ / СИДА сè уште нема ефикасен и специфичен лек ниту вакцина. Развивањето вакцина за ХИВ е комплицирано, бидејќи вирусот постојано се менува-мутира, на тој начин го залажува имунолошкиот систем и се чини дека е чекор пред сите истражувања. Сепак има напредок бидејќи во последните години, во светот и во нашата земја се применуваат антиретровирусни лекови, кои имаат одредено влијание на самиот вирус, односно го забавуваат неговото размножување. Некои од лековите се комбинираат еден со друг и на тој начин спречуваат ширењето во телото.  А самото лекувањето се однесува на веќе настанатите инфекции и болести.  На ова поле, се работи многу и веројатно е дека во иднина ќе се создадат можности за уште поефикасно лекување. Во меѓувреме, се применува терапија која овозможува инфицираните лица да останат здрави, колку што е можно подолго, односно да се одржува и зајакнува нивниот имунолошки систем.  За тоа се даваат повеќе лекови, се препорачува правилна, здрава и квалитетна исхрана и постојана физичка активност. Заболените мора да земаат лекови цел живот. Сидата може да се третира, но не и да се излечи.

 

За се горенаведено најважна е превенцијата, заштитата и на самите себе и на другите. Како да се спроведе тоа ? Едноставно е, само едуцирај се, почитувај и практикувај

·        При секој полов однос (орален, анален, вагинален) да се користи соодветен презерватив  кој е правилно наместен. Презервативот е единственото средство кое може да превенира пренесување на вирусот за време на полов однос

·        Да се употребуваат само стерилни шприцеви и игли и други медицински инструменти.

·        ХИВ позитивни трудниците да бидат на антиретровирална терапија во текот на бременоста, да се породат со царски рез и на новороденчето да му се даде антиретровирална терапија во првите неколку месеци од неговиот живот. Доење не се препорачува бидејќи така се заразуваат 50% од новороденчињата

·        Да се внимава со различни акциденти, на пример ако некој крвари или со манипулацијата со медицинскиот отпад (игли).

·        Во 2016 година, лекот Трувада е одобрен како ПрЕП - превентивна профилакса, превентивен лек против ХИВ. Со негово земање, ХИВ-негативните луѓе можат да се заштитат од ХИВ инфекција. ПрЕП се наменети за особено ранливи групи на луѓе со зголемен ризик од инфекција.

·        ПрЕП се состои од два лека за ХИВ. Се зема пред сексуален однос. Ако се зема континуирано и секојдневно, спречува инфекција со ХИВ за повеќе од 95 проценти. Сепак, овие лекови не штитат од други сексуално преносливи инфекции. Презервативот сè уште е најдобар метод за тоа.

·        Секој новооткриен случај на ХИВ позитивно лице задолжително да се регистрира во Републичкиот завод за здравственена заштита, притоа не откривајќи го идентитетот на лицето.

 

И ете тоа е нешто што треба да го правиме сите, а уште поважно е да се бориме против стигматизација, дискриминација и исклучување на овие лица од општеството и социјалниот живот. Тоа всушност е најтешкиот дел бидејќи се уште е голем бројот на луѓе кои се плашат и од самиот збор сида. Луѓе за кои тоа е табу тема, не сакаат да разговараат, да слушаат, да се едуцираат, не прифаќаат ништо. До нив се допира многу тешко. Сè уште веруваат дека вирусот ХИВ може да се пренесе и преку воздух и затоа држат дистанца кога ќе сретнат некој кој е ХИВ позитивен. Тоа е начин на однесување кој треба да припаѓа на минатото. А во сегашноста треба да се зборува отворено и за ХИВ, и за СИДА, и за сите други болести и појави кои не засегаат сите нас. Да се едуцираме дека денешната медицина и наука се премногу развиени со што се постигнува  контрола на болеста и се овозможува се поквалитетен живот во исчекување на подобри и поефикасни лекови, вакцина и лек за сидата. Свесни сме дека тоа е многу тешко, бавно и макотрпно, дека ќе потрае, но секогаш постои надеж.

За да се подигне целокупната свест, да се спроведе успешна едукација и превенција   на сите нивоа со цел да се спречи пандемијата која зафати над 100 земји, во 1988 година Обединетите нации прогласиле СВЕТСКИ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ СИДАТА. Тоа е 1ви ДЕКЕМВРИ, кој секоја година се одбележува под одредено мото. А пак во 1991 година, црвената лента е установена како симбол на борбата против сидата.

На тој ден се организираат и спроведуваат многу активности, се одржуваат јавни трибини, предавања, стручни состаноци, се делат едукативни флаери, материјали, заштитни средства, се спроведува кампања за бесплатни, анонимни тестирања и се овозможува советување, упатување, третирање и лекување на новооткриените ХИВ позитивни лица, но и на веќе потврдените. Многу се вложува во служби кои треба да работат со овие лица почнувајќи од медицински персонал, психолози, психијатри, социјални работници, волонтери кои треба да им дадат соодветна подршка на истите во секое време. Се спроведуваат активности да се разбие стигмата и дискриминацијата на многу начини и со многу симболки.Се изработува национална ХИВ програма која треба да се имплементира, а во која што се вклучуваат и невладини и владини организации се со цел да се постигне поголем успех.

Но, сето ова не треба да прави само еден ден во годината, туку треба да биде дел од нашето секојдневие, дел од нашата свест и одговорност. Денот е само потсетување, а се друго е работа и посветеност во 365 наредни денови. Секој од нас треба да се труди да едуцира и помага во рамките на своите можности. Да бидеме одговори, да се сакаме и почитуваме, безбедно, сигурно и без предрасуди. Да ги цениме вистинските вредности, да растеме и да се развиваме во здрава средина. Само така ќе израснеме во здрави и среќни личности, ќе живееме во здраво општество кое ќе биде еднакво за сите и сите подеднакво ќе придонесуваме во него. Значи, добра едукација, здрава популација, успешна земја. ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СЕ.

                                                  


                               

                                                                                     Автор: Горазд Стојановски  IX-4 

 Уредник: Ања Јовановска  IX-4  

 

 

 

 

 

Popular posts from this blog

Мојот живот за време на пандемија

Пролетен пејзаж

Едно поинакво лето

Училишни спомени

Нашето ново катче

„Тумбуфафа и истражувачите“ - разговор со Андреј Лефтеров