Животот е филм без реприза
Минатото заминало, сегашноста се носи на
рака а иднината уште не се знае. Животот е филм. Една епизода трае 8766 часа а
сè започнува како сон, магла и нејасна слика преку првите осознавања на
околината и мајчиниот лик, нејзината топлина и нејзнините бистри и нежни очи.
Потоа малите катчиња низ куќата и играта со најблиските. Распознавање на
други лица па на оние кои не се од
човечкиот род- маче, куче дури и птица.
Полека се исцртуваат цртите на нашиот
карактер кои потоа влијаат на тоа како ние го разбираме животот-нашиот сопствен
филм. Гледајќи од страната на набљудувач-начинот на кој човекот го живее својот
живот кој е непосредно конектиран со нечии други животи со сите свои
врски,конекции, идентични мислења и цели изгледа како ремек дело на некој сценарист-уметник
кој преку анимација-филм за луѓето пробува да се пронајде себеси. Да
ги почувствува страдањата на отфрлените, солзите на напуштените, болката на
повредените, страста на заљубените, гневот на обесхрабрените, грижата на
загрижените, восхитот на просветлените. И како во некој магичен круг на полети
и падови се одвиваат животите на сите луѓе. И секој во текот на своето постоење
(свесно или несвесно) ги искусува сите (примарни и сложени) емоции: љубовта,
тагата, среќата, гневот, задоволството, омразата, восхитот... Во тие духовни
борби на морален избор, во процесот на своето созревање преку својот „внатрешен
монолог“ преку сите тие предизвици на нашиот мал филм на крај ние копнееме
и се стремиме да се запознаеме себеси и
светот кој нè опкружува. Да продреме во бескрајната мистерија на
постоењето која никој до сега колку и да се трудел не ја одгатнал. Ја играме
улогата на брат,сестра можеби мајка, татко, пријател роднина. Колку улоги имаме
толку и животи. Со тие улоги се раѓаат обврски а со нив се раѓа живот кој мора
да го живееме. Невидлив шаблон кој го трасира животниот правец
и неговите контури. Така започнува една несфатлива и неодгатната игра во која
се испреплетуваат и животите на другите луѓе и монотон тек на филмот. Тој
досаден дел се разубавува со животот кој сакаме да го имаме-нашите
најпосакувани патувања,авантури мигови. Нашата
должност, улога, повик на овој свет е да бидеме хумани битија. Нашата должност
како личности е да имаме пошироки видици за сметка на ограниченото гледање на
работите. Затоа што според „ефектот на пеперутката“ секоја наша дури и
најмала акција се рефлектира на целокупното човештво. Должни сме да покажуваме
добродушност и емпатија. Да бидеме алтруистички
настроени, да се дистанцираме од секое зло, да не учествуваме во погрешните
одлуки на некој друг, да дадеме отпор кон неправдата како кон нас така и кон
другите затоа што не постои лично добро ако сите околу нас се лошо. Животот
не е само стремеж кон среќата, животот е убав со сите негови составни делови.
Со среќата, тагата, добрите и лошите искуства. Затоа што животот е се она од
што се состои. Нема целост во една половина. Затоа е наивно да се трага само по
среќата и убавите искуства. Впрочем нема зло без добро и добро без зло.
Тие постојат за да се сфати суштината на било која вредност. Со ова
воопшто не го подржувам злото, туку сакам да укажам на контрадикторноста на
појавите во животот.
Па
и после сè на крајот, нема да биде важно колку пати длабоко сте воздивнале,
туку колку моменти ви го одзеле здивот.